Монти, италијанскиот возач на боб-санка, по двапати ги освои трите олимписки медали, златниот, сребрениот и бронзениот, но го освои и четвртиот, трофејот „Пјер де Кубертен“, за исклучителен ферплеј за време на ЗОИ 1964

Освојувањето олимписки медал не е мал подвиг, но во светот на олимпизмот има и четврти медал, една уште поретка олимписка награда – трофејот за ферплеј „Пјер де Кубертен“. Приказната за оваа награда почнала во едно студено зимско попладне во Инсбрук, на олимпискиот натпревар во 1964 година, во боб двосед.
Британски тим, управуван од Тони Неш, во кој беше и Робин Диксон, ја заврши својата прва трка на второто место. Пред почетокот на втората трка тие открија дека имаат скршена завртка на задната оска на нивната санка, поради што ќе останеа надвор од конкуренција. На другиот крај на патеката, за нивниот проблем слушнал големиот италијански возач Еугенио Монти (1928-2003), кој по првата трка бил во водство.

Без двоумење Монти ја извадил завртката од задната оска на сопствената санка и ја испратил на врвот на ридот. Британскиот тим ја поправи својата санка, а потоа ја заврши трката и го освои златниот медал. Италијанскиот тим на Монти ја зеде бронзата.

– Тони Неш не победи затоа што му дадов завртка. Тони Неш победи затоа што беше најдобриот возач – рекол Монти, кој својата великодушност ја покажа и во четирисед, кога неговиот механичарски тим му помогна на канадскиот состав околу оската на нивната санка, по што Канада подоцна го освои златото, а тимот на Монти одново бронзата.

Приказната за овој гест на ферплеј се рашири многу бргу, а меѓународниот комитет за ферплеј го награди Монти со најголема можна чест, трофејот „Пјер де Кубертен“ за ферплеј. Наградата, именувана по основачот на современите олимписки игри, е една од најголемите почести што може да му се дадат на еден олимпиец.
Монти ја почна спортската кариера како ветувачки скијач (италијански првак во неколку дисциплини), а имал прекар Црвенокосиот Летач, пред повредата на коленото во 1951 година да ја скрати неговата скијачка кариера. Но крајот на една кариера го означи почетокот на друга, бидејќи Монти стана возач на боб-санка, со голем успех.
На Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Кортина д`Ампецо во 1956 година, Монти освои сребрени медали во трките во боб двосед и во боб четирисед. На ЗОИ 1960 немаше трки во боб, но имаше четири години подоцна во Инсбрук, кога Монти освои два бронзени медала и почесниот медал „Пјер де Кубертен“.

До 1968 година Монти освоил девет светски титули и четири олимписки медали, но ниту еден златен олимписки медал. На возраст од 40 години, Монти знаеше дека ЗОИ 1968 во Гренобл ќе биде неговата последна шанса да освои олимписка титула. Тој го оствари токму тоа, со олимписки злата во боб двосед и во боб четирисед. На овие ЗОИ Монти пристигна како најславниот олимпиец во овој спорт. Но трките беа толку изедначени, што во боб двосед италијанскиот и германскиот тим имаа исто време, а златото го освои Италија поради тоа што имаше најбрза поединечна трка (рекорд на патеката). И трката во четириседи беше тесна, со разлика помеѓу водечките од помалку од една десетинка. Монти со тоа стана првиот тркач во боб со две олимписки злата на едни ЗОИ.

Освојувањето на двојната титула за Монти беше незаборавен начин да ја заврши олимписката кариера, во која по двапати ги освои трите медали, златниот, сребрениот и бронзениот, но го освои и четвртиот олимписки медал, тој за ферплеј.