Македонската машка шаховска репрезентација (2.514 просечен рејтинг, рангирана 43-та), го доживеа и вториот пораз на 43. Шаховска олимпијада (ШО), која се одржува во Батуми, Грузија во конкуренција на 185 селекции. Во рамките на 6-то коло селекцијата на Ерменија, носител на три златни и три бронзени олимписки медали, сепак беше пресилна за македонските шахисти, славејќи со високи 3,5-0,5 поени.

Единственото реми во еднаква топовска завршница го забележа на првата табла ВМ Кирил Георгиев, кој ремизираше со моментно шестиот шахист на светот, ВМ Левон Аронијан (2.760). На втората табла Владимир Георгиев се предаде откако противничкиот Е-пиун продре на шестиот ред. На третата табла ВМ Трјко Недев доживеа пораз откако по првата контрола, направи три непрецизности и дојде во инфериорна положба, додека на четвртата табла младиот ИМ Никола Николовски се предаде, откако ривалот створи силем напад со двата топа и двата ловци.

Женската шаховска репрезентација пак, (2.039 просечен рејтинг, рангирани 58-ма), во ова коло ја оствари и третата победа, овој пад над Хондурас (1.755 просечен рјтинг, рангирн 93-ти) со 3-1. Победи на првите две табли остварија Бојана Бејатовиќ и ЖФМ Моника Стојковска, додека ЖИМ Габриела Коскоска и Катерина Петровска ремизираа на третата и четвртата табла.

По 6-то коло (од предвидените 11), мажите со четири победи и два пораза, моментно имаат осум бода (16 поени по табли) и паднаа на 42-то место, додека шахистките повторно напредуваа и сега со вкупно шест бода (14 поени по табли), се на 69-то место.

Кај мажите водат селекциите на Азербејџан и Полска со по 12 бода, а кај жените САД, Грузија и Ерменија со по 11 бода..

МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 0,5 – 3,5

ВМ К. Георгиев (2.590) – ВМ Аронијан (2.780) реми (31. потег)

ВМ В. Георгиев (2.479) – Саргисјан (2.691) 0-1 (32)

ВМ Недев (2.496) – ВМ Ховханисјан (2.591) 0-1 (49)

ИМ Николовски (2.388) – ВМ Мартиросјан (2.597) 0-1

МАКЕДОНИЈА – ХОНДУРАС 3-1

Бејатовиќ (2.057) – Фигуероа (1.719) 1-0 (37)

ЖФМ Стојковска (2.106) – Круз (1.702) 1-0 (38)

ЖИМ Коскоска (2.026) – ЖФМ Ортиз (1.822) реми (40)

Петровска (1.966) – Гарсија (1.755) реми (31)

Г.И.