Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на Европскиот клупски куп што од сабота треба да се игра во Струга и на кој треба да настапи актуелниот светски првак Карлсен, потсетуваме на најголемите шаховски турнири играни во Македонија, а еден од нив е и поединечното ЕП 2001, со 203 шахисти, од кои 141 велемајстор, од 39 држави, кога првпат се играше со ново темпо за размислување…

НАЈГОЛЕМИ ШАХОВСКИ НАСТАНИ ОДРЖАНИ ВО МАКЕДОНИЈА (2)

Европскиот клупски куп што треба да се игра во Струга од сабота е нов во низата големи шаховски настани што се одржувале во Македонија. На ова првенство во трката за европската клупска титула засега се пријавени 38 клуба во машка и девет во женска конкуренција, а се очекува да настапи и светскиот првак Магнус Карлсен (ќе игра за Оферспил од Норвешка). Во неколку продолженија потсетуваме и на други големи шаховски турнири во Македонија.
По Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година, Македонија по 29 години, во 2001 година, пак ги собра најголемите шаховски умови. Во Охрид се одржа 2. поединечно Европско првенство (ЕП), на кое настапија 203 шахисти, од кои 141 велемајстор (ВМ), 37 интернационални мајстори (ИМ) и 17 ФИДЕ-мајстори од 39 држави и беше дотогаш најсилен опен-турнир одржан во шаховската историја. Првпат се играше со ново темпо за размислување (75 минути за првите 40 потези, плус 15 минути до крајот на партијата, со додаток од 30 секунди по секој потег по играч). Највисокорангиран шахист беше Михаил Гуревич (рејтинг 2.688), а главен судија Герт Гијсен, кој го судеше мечот за светски првак Каспаров – Карпов во Севилја, во 1987 година. На ЕП беше промовирана и првата поштенска марка на „Македонски пошти“ со мотиви од црно-белите полиња.

По 13 кола, европски првак стана ВМ Емил Сутовски, по тајбрејкот (1,5-0,5) со Руслан Пономарјов (во регуларниот дел имаа по 9,5 поени). Трет беше Зураб Азмајпарашвили, кој, исто така, во тајбрејк (1,5-0,5) ја победи единствената шахистка на турнирот, Јудит Полгар. Од познатите имиња, во Охрид играа и Корчној, Вагањан, Нисипеану, Сакев, Ткачиев, Рублевски, Бељавски, Георгиев, Јусупов, Трегубов и други. Македонија во Охрид ја презентираа 21 шахист, од кои пет ВМ, четири ИМ и 10 ФИДЕ-мајстори. Најдобар процентуален резултат остварија Дејан Стојановски (кој освои и т.н. бал за ИМ) и Трајко Недев (со по 46,1 отсто). Тие имаа и најдобри пласмани, Стојановски беше 123., а Недев беше 127., и двајцата со по шест поени.
Скопје беше одличен домаќин и на 20. поединечно ЕП во 2019 година (просечен рејтинг на шахистите од 2.398 поени). Играа вкупно 361 шахист (143 ВМ) од 42 држави, а боите на Македонија ги бранеа 24 шахисти. Првото место го освои Владислав Артемиев, кој беше и прворангиран пред турнирот (рејтинг 2.736) со 8,5 поени, а најуспешен македонски шахист беше ВМ Кирил Георгиев, кој го освои 57-то место со седум поени.