Иако се организираат интернет-турнири со забрзано и со брзо темпо на размислување, сепак, практични турнири засега нема во Македонија. Откако ЕКУ го одржа форумот „Како да се рестартираат шаховските активности на табла“ и во соработка со лекари донесе повеќе препораки, разговаравме со повеќе наши истакнати шахисти за тоа дали во моментов кај нас постојат услови да се играат турнири во затворен или на отворен простор

Појавата на коронавирусот не го остави имун ни македонскиот шах. Иако се организираат интернет-турнири со забрзано и со брзо темпо на размислување, сепак, практични турнири засега нема. Одложени се веќе претходно закажаните првенствата во екипна конкуренција, поединечните сениорски првенства, младинските првенства по категории и други турнири. Европската шаховска унија (ЕКУ) го одржа форумот „Како да се рестартираат шаховските активности на табла“ и во соработка со лекари донесе повеќе заклучоци. Препораката е прво да се почне со домашни турнири (не меѓународни) со помалку учесници (по Бергеров систем). Во салата треба да има најмалку 1,5 метар растојание помеѓу двајца шахисти (и по секоја партија таа дистанца мора да биде испочитувана), а салата да биде редовно проветрувана пред, за време и по секое коло. На секоја пауза учесниците мора да ги мијат рацете или да користат средство за дезинфекција. Пред и по секое коло, потребно е да се прави дезинфекција на салата, шаховските гарнитури и часовници. Маските за лице се препорачани за сите учесници, но не и ракавици. Во салата за игра смеат да бидат само играчите и службените лица итн.

– Шаховскиот живот треба да продолжи и веќе има земји каде што се играат турнири, како во Хрватска, Србија, Исланд, Австрија… Секако, мора да се следат препораките од надлежните органи за безбедност и да биде достапен лекар за време на турнирот. Како професионален играч, седум месеци не сум играл класичен турнир и никогаш не сум имал толку долга пауза. Планирам да играм на барем 5-6 турнири до крајот на годината, но ако има соодветни турнири. Имав 7-8 турнири закажани за март, април и за мај, но не играв поради пандемијата. Ги прочитав предлозите на ЕКУ и мислам дека е разумно да се одржат турнири. Секако, со задоволство би играл во Македонија, а особено на затвореното поединечно и на екипното првенство, но не би одбил ниту забрзани турнири. Тестирањето не е проблем – вели велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев.

Филип Панчевски смета дека е потребна флексибилност по ова прашање.
– Сметам дека сегашната ситуацијата е лоша за да се играат шаховски турнири во Македонија, но во јули и во август можеби таа ќе се подобри. Организаторите и играчите треба да бидат флексибилни, односно закажаниот турнир да може да се премести во друг период. Прерано е да се организира турнир по швајцарски систем, а бергер-турнирите може да се играат. Би играл на бергер-турнир или на затворено првенство на Македонија, ако се игра во полукарантин, односно во некој хотел. Верувам дека сите мои колеги шахисти се совесни и ќе внимаваат на своето и здравјето на другите шахисти. Тест пред турнирот треба да се направи – вели репрезентативецот Панчевски.

Селекторот на машката репрезентација Роландо Кутиров смета дека прво здравствените работници треба да кажат дали е дозволено да се игра.
– Секако дека кога би се организирал турнир би играл. Но прво здравствените работници да кажат дали е дозволено и колку е ризично. Добро би било екипното првенство да се игра во август, но уште не знам како ќе се одвиваат работите на ова поле. Секако дека е потребно и тестирање на шахистите – вели Кутиров.
За професионалниот шаховски тренер Орце Данчевски, препораките од ЕКУ се сосема доволни за ваква ситуација.
– Уште не се создадени услови за почнување нормален шаховски живот во Македонија. Сѐ додека имаме огромен бројот новозаразени од ковид 19 не треба да се играат турнири, па подобро би било да почекаме до средината на јули. Препораките од ЕКУ се повеќе од задоволителни и не би додал или одземал ништо – вели Данчевски.
Ѓорѓи Миновски верува дека во јули ќе се стабилизира ситуацијата.

– Засега нема услови да се одржат шаховски турнири. Но оптимист сум и верувам дека следниот месец ќе се стабилизира ситуацијата и би можело да се реализираат турнири во отворен и во затворен простор и на истите тие е пожелно да се игра со маски и со ракавици. ЕКУ добро ги има разгледано сите протоколи, а некои држави веќе почнаа со примена на нивните мерки, како што се играње на две табли со два часовника, постоење преграда помеѓу шахистите и слично. Ако нема никакви симптоми, не е потребно тестирање на шахистите. Годинава имав во план да организирам викенд-турнир во рапид, блиц и проблемски шах на отворен простор, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите со коронавирусот – рече Миновски, претседателот на Шаховскиот сојуз на Скопје.

ВМ Трајко Недев смета дека не треба да се брза.
– Во затворено засега е забрането да се игра шах, а за на отворено треба прво да почнат да работат хотелите, па да се види каква квадратури имаат и слично. Кога ризикот е уште голем, може да се игра на отворен простор со две табли. Точно е дека има турнири во некои држави, но таму имаат по 10 заболени, а ние стотина дневно. Сметам дека не треба да се брза со домашните шампионати, а ниту ФИДЕ има истакнато некој датум – вели Недев.

[email protected]