Швеѓанецот Арманд Дуплантис (20) го собори 26 години стариот светски најдобар резултат во скок со стап на отворено на Украинецот Сергеј Бубка (6,14 метри, поставен во 1994 година), прескокнувајќи 6,15 м на митингот од Дијамантската лига во Рим.

Со тоа сега тој е апсолутен рекордер, иако Светската атлетика (СА) од 2000 година не прави разлика помеѓу рекорди во затворен и отворен простор. Дуплантис во сала годинава на гранпри-митингот во Глазгов (Шкотска) прескокна 6,18 метри, со што за еден сантиметар го поправи сопствениот светски рекорд.

Бубка (56) доминираше во 1980-тите и во 1990-тите години. Тој освои 10 светски титули, олимписко злато (1988), двапати беше европски првак, а го соборуваше светскиот рекорд дури 35 пати (17 на отворено и 18 во сала). Дуплантис тренира скок со стап од својата четврта година, на седум години поставил рекорд во таа возрасна категорија (3,86 м), подоцна поставил рекорди и на 11 и 12 години, а го држи и рекордот под 20 години (6,05 м) од ЕП 2018. Г.И.