Дваесет и трите трки без сомнение се многу важен број на трки за една сезона. Може да има ситуација кога би се вратиле на помал број трки. Тогаш е можна ротација на одредени гранпри-трки, фокусирајќи се на различни области, рече Доменикали, новиот извршен директор на Формула 1

Одржување на рекордните 23 гранпри-трки годинава е цел на Формула 1, но во иднина нивниот број би можел да биде намален, а некои трки да се ротираат, изјави новиот извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали, пренесе „Ројтерс“. Доменикали изјави за телевизијата „Скај Спорт“ и дека годинава ќе биде потребен пофлексибилен пристап, поради пандемијата на ковид-19.
Во почетокот на јануари излезе ревидираниот календар на натпреварувања за сезонава, во кој наместо во Австралија, сезоната треба да почне со трката во Бахреин, на 28 март, австралиската трка доби датум во ноември, а италијанската Имола е втора трка сезонава.
– Дваесет и трите трки без сомнение се многу важен број на трки за една сезона. За некои тоа е премногу, но за други не претставува проблем. Би рекол дека оваа равенка ќе се реши сама ако можеме да испорачаме неверојатен производ. Може да има ситуација кога би се вратиле на помал број трки. Тогаш е можна ротација на одредени гранпри-трки, фокусирајќи се на различни области. Тоа е нешто што ќе биде во нашиот план за размислување годинава, подготвувајќи се за моментот кога светот ќе се врати во нормала – рече Доменикали.
Минатата сезона беа планирани 22 трки, но сезоната заврши со 17. Откажани беа и уличните трки во Монако и во Сингапур. Некои од патеките, како што се италијанската Муџело и португалската Алгарве, првпат беа домаќини на гранпри-трки, а други се вратија по долго отсуство.