АТЛЕТИКА

Британската атлетска федерација го потврди откажувањето на митингот од Дијамантската лига во Лондон, како последица на пандемијата на коронавирусот. Митингот во Лондон, кој требаше да се одржи на 4 и на 5 јули на Олимпискиот стадион, е новиот што сезонава е откажан, а од Лигата изјавија дека „неколку од следните настани ќе бидат презакажани, а други откажани, бидејќи организаторите продолжуваат да ја адаптираат сезоната според кризата поради коронавирусот, пренесе „Ројтерс“.

Дијамантската лига соопшти дека е предвидено три атлетски средби да се одржат во август, и тоа во Монако (14-ти), Гејтсхед во Англија (16-ти) и во Стокхолм (23-ти), а потоа би имало уште осум митинга. Целиот календар останува провизорен, велат од Лигата, додавајќи дека секој организатор на митинг ќе го објави форматот на натпреварувањето, за тоа кои дисциплини ќе бидат вклучени, два месеца однапред.
– Некои организатори на митинзите ќе можат да изберат на кој начин ќе ги организираат своите настани, воведувајќи иновативни и алтернативни формати и според регулативите за физичко растојание – пишува во соопштението на Лигата, пренесе „Ројтерс“.