Даниел Димевски е новиот претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК) во следниот четиригодишен мандат. За Димевски гласаа 30 од 51 делегат на Собранието, двајца беа за Александра Војнеска Зикова, а еден глас беше неважечки, информираат од МОК. Собранието поминало во напната атмосфера, со долги дискусии и расправии, кои кулминирале со напуштање на седницата на претставници на 17 национални спортски федерации. Причината за тоа, како што посочија тие, се аномалиите и нерегуларностите во работењето на Собранието.
Димески (51) ќе го наследи Васил Тупурковски, кој ја вршеше претседателската функција 28 години. Тупурковски ќе остане во својство на почесен претседател на МОК. Димевски е член на Управниот одбор на МОК од 2012 година, беше претседател на Натпреварувачката комисија на ФИБА Европа од 2010 до 2014 година, претседател на Македонската кошаркарска федерација од 2005-та до 2015-та, како и прв човек на КК Работнички во периодот од 1996 до 2001 година.