Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро истакна дека ќе му биде тешко да игра против Новак Ѓоковиќ во финалето на Ју-Ес опен, бидејќи српскиот тенисер му е добар пријател.

Дел Потро пласманот го обезбеди откако актуелниот најдобар тениер во светот Рафаел Надал му го предаде полуфиналниот натпревар поради повредата на десното колено.

За аргентинскиот тенисер ова е втора можност да се бори за титулата на Ју-Ес опен, откако во 2009 година го освои трофејот на Отвореното тениско првенство на САД, кога во финалето го победи фаворизираниот швајцарски тенисер Роже Федерер.

– Ќе биде тешко против Новак, бидејќи сме навистина добри пријатели. Двајцата сакаме да победиме. Новак доаѓа како шампион од Вимблдон, игра добро и ќе биде фаворит во недела. Но и пред девет години овде играв против Федерер, кој истот така беше фаворит. И овојпат ќе се обидам да изненадам – истакна Дел Потро.

Ѓоковиќ досега победил на 14 натпревари од вкупно 18-те меѓусебни соочувања со аргентинскиот тенисер.