ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС

Крејчикова од Чешка стана првата тенисерка по Мери Пирс од Франција што славела на Ролан Гарос и во поединечна и во конкуренција на двојки

Чешката тенисерка Барбора Крејчикова е двојна шампионка на годинешниот гранслем-турнир, Отвореното првенство на Франција, Ролан Гарос. Чехинката прво во саботата триумфира во финалето во поединечна конкуренција на дуелот со 31-та носителка Анастасија Павлученкова од Русија, со 6-1, 2-6, 6-4 во сетови, а потоа заедно со Катарина Синијакова во финалето во двојки вчера победи на мечот со Бетани Метек-Сандс и Ига Свјонтек, со 6-4, 6-2 во сетови.

По двојниот триумф на Ролан Гарос, Крејчикова е првата тенисерка по Французинката Мери Пирс (во 2000 година) што славела на Ролан Гарос и во поединечна и во конкуренција на двојки во иста година.

Титулата во поединечна конкуренција на Ролан Гарос е прва гранслем-титула на Крејчикова во кариерата, а во конкуренција на двојки заедно со Синијакова ова им е трета гранслем-титула, а втора на Ролан Гарос, по триумфот во 2018 година, кога победија и на гранслем-турнирот Вимблдон, во Лондон. Пред овој триумф во Париз на Ролан Гарос, Крејчикова имаше само една титула во поединечна конкуренција, и тоа годинава на турнирот во Стразбур.