Лајтхајм (лево) и претседателот на Шаховскиот сојуз на Скопје, Ѓорѓи Миновски

Српскиот велемајстор победи на турнирите со забрзано и со брзо темпо на игра, а на јуниорскиот турнир славеше Леонид Петрески, победувајќи ги сите противници

СКОПЈЕ ОПЕН ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ

Српскиот велемајстор (ВМ) Борко Лајтхајм е двоен победник на „Скопје опен шаховскиот фестивал“, кој викендов се одржа во Скопје, во организација на Шаховскиот сојуз на Град Скопје и со поддршка на Шаховската федерација на Македонија, со почитување на сите здравствени протоколи против ковид-19.
Првото место и наградата од 24.000 денари на турнирот со забрзано темпо по девет кола ги освои Лајтхајм (2.427 рејтинг-поени), втор беше ВМ од Бугарија Петар Арнаудов (2.434), а трет ВМ од Македонија Звонко Станојоски (2.387). Најдобар шахист ветеран беше прогласен Илија Стошевски, кој со 6,5 поени беше шести, а најдобра шахистка е ЖИМ од Бугарија Викторија Радева (2.054), осма, со шест поени. Учествуваа 64 играчи од Србија, Италија, Албанија, Косово, Бугарија и од Македонија. На јуниорскиот турнир (од 12 до 16 години) импресионира македонската надеж Леонид Петрески (1.418), со максимални девет поени, пред Србинката Анѓелија Балтиќ (1.342) со седум и Константин Лушески (1.348) со 6,5 поени, во конкуренција на 48 учесници.

На турнирот со брзо темпо, пак, Лајтхајм (2.411) победи со осум поени (освои 12.000 денари), колку што имаше и неговиот сонародник ВМ Синиша Дражиќ (2.366) на второто место, а трет заврши Швајцарецот Нухи Јашари (2.159) со седум поени. Одлично одигра и Стојанчо Димковски, кој со 5,5 поени беше најуспешен шахист, со рејтинг до 1.900 поени. Настапија 59 шахисти, а се одиграа вкупно 261 партија. Пехарите и паричните награди (вкупен награден фонд 220.000 денари) на најдобрите им ги предаде претседателот на Шаховскиот сојуз на Скопје, Ѓорѓи Миновски.