Муктар Едрис беше најбрз во трката на 5.000 метри

Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“

Според очекувањата, на долгите патеки секогаш борбата за медалите се води меѓу атлетичарите на Кенија и Етиопија. Овој пат, во трката на 5.000 метри на Светското првенство во атлетика во Доха, поуспешни беа долгопругашите од Етиопија, кои извојуваа двојна победа. Кенија која ги полагаше сите надежи во Николас Кимели и Џејкоб Кроп остана без медал. Победник во трката, која се решаваше во последните 300 метри беше Муктар Едрис со резултат од 12:58,8 минути, пред Селемон Барега, а брнозениот медал му припадна на Мохамед Ахмед од Канада.

На програмата вечерва беше и финалето во фрлање диск, во кое најуспешен беше водечкиот на годинашнава светска ранг-листа Швеѓанецот Даниел Стал со резултат од 67,59 метри. Федрик Дејкрс од Јамајка со пласманот на втората позиција потврди дека не случајно се наоѓа на истото место во годинашнава сезона, а ова се однесува и за Австриецот Лукас Вајсхајндигер кој го освои бронзениот медал. Тоа значи дека најдобрата тројка од сезонава заврши на првите три позиции.