Трофеите на Дејан не може да се избројат, но двата златни медали од СП за сениори и седумте од ЕП се оние што најмногу блескаат во неговите витрини. Сите овие резултати придонесоа да биде почитуван и да создаде кариера како функционер во врвните тела на Европската и на Светската федерација за традиционално карате

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (173) / ДЕЈАН НЕДЕВ (2)

За почетоците и првите медали во помладите категории што ги освои Дејан Недев веќе пишував, а сега ќе се осврнам на оние негови највредни достигнувања во сениорска категорија. По поразите на стартот, но со повозрасните противници, тој како да се разлути и доби сила за идните настапи. Откако помина пет-шест години на татамите и се стекна со потребното искуство, на десетгодишна возраст Дејан беше оној што секогаш излегуваше како победник. Како резултат на тоа дојдоа и неговите сѐ почести настапи и во повозрасните категории, како што беше оној на ЕП во Торино, кога настапи во кати, и тоа само со 13 години!

ПРВА ЕВРОПСКА СЕНИОРСКА ТИТУЛА ВО БЕЛГРАД

Интересно е дека по победата на кадетското првенство на Европа во Скопје, Дејан речиси редовно настапуваше на младинските и на сениорските првенства. По освојувањето на третото место меѓу сениорите во фукуго во Варшава во 1998 година, на СП во Болоња во 2000 година тој освои уште два бронзени медала, а веќе следната година заедно со брат му Аљоша, Гаџовски и Андреевски екипно беа втори на СП.
– Првата сениорска европска титула ја освоив кога имав 25 години. Тоа се случи на ЕП во Белград во 2005 година. За да биде изненадувањето поголемо, во финалната битка го совладав славниот Романец Мусат Корнел, кој беше каратист од светски глас и зад себе имаше богата кариера исполнета со триумфи на светските и на европските првенства. Пред мечот со него сите му даваа големи шанси за уште еден триумф на ЕП, но јас не мислев така. Напротив, пред борбата си реков „Дејан, сега ти е шансата“, зашто евентуалната победа над Корнел ќе значеше влез во светот на великаните во традиционалното карате. Понесен од големата желба да остварам подвиг, храбро влегов во дуелот. Противникот беше изненаден, веројатно мислеше ќе се „уплашам“ од неговото име и ќе влезам во борбата воздржано и со респект. Но решив да го сторам спротивното. Изведов еден фуриозен напад и освоив неколку брзи поени. Корнел беше изненаден, сигурно не ја очекуваше мојата офанзива и, верувале или не, за 30 секунди извојував победа! Сите беа изненадени, а Романецот како вистински џентлмен дојде и ми ја честита победата. Можете да замислите каква беше радоста во македонскиот табор, особено кај татко ми Венцо, по оваа победа. Публиката долго време ми аплаудираше. Истата слика се повтори и при доделувањето на медалите, кога во салата се разлеа аплауз, што беше уште една награда за мене за освоената прва сениорска титула на ЕП – вели Недев.

ВО ЕРУСАЛИМ СО ПОВРЕДА ДО НОВ ТРИУМФ

Дејан Недев дури по шест години, по победата во Белград, триумфира на уште едно сениорско европско првенство. Тоа се случи во 2011-та во Ерусалим.
– Финалниот настап во Израел е приказна за себе. Во борбата против шампионот на Украина, која решаваше кој ќе биде првак, криевме дека влегов со повреда. Имено, претходно го скинав мускулот на задната ложа. Спортистите знаат за каква повреда се работи и колку е таа тешка. Но стегнав заби и влегов во борба за ново „злато“. Болките беа неподносливи, но од желба за успех како да заборавав на нив. Не сакав да ја откријам слабоста пред противникот и глумев како ништо да не се случило. Со оглед на тоа што располагам со врвна техника и ги имам усовршено сите удари, рачни и ножни, овој пат морав да се определам на рачните, зашто ножните поради повредата на задната ложа, и да сакав, не можев или тешко ќе можев да ги изведам. Овие удари ги имав добро извежбано, зашто поискусните мајстори, на семинарите на кои бев присутен и јас, ме земаа најчесто да бидам демонстратор. Тоа искуство се покажа како многу корисно токму во финалето во Ерусалим, каде што морав да тактизирам и да ги комбинирам ударите, притоа определувајќи се пред сѐ за рачните, но со големо внимание поради повредата да не ја загубам рамнотежата. Во една таква борба собирав поени и постојано го контролирав Украинецот, а внимавав и да не добијам некој удар што би ме разнишал. За среќа, не се случи тоа, се изборив машки и го совладав ривалот. Тоа беше второ злато од сениорските ЕП и повторување на успехот од Белград. Потоа уште пет пати во најразлични дисциплини триумфирав на овие шампионати, за последната победа да ми биде во Питешти, во Романија. Годинава во јуни ЕП за сениори требаше да се одржи во Скопје, но поради коронавирусот, како и многу други манифестации ,и ова првенство беше откажано. Така отпадна и шансата да се борам за осмото злато – вели Недев.

ДВА ПОЕДИНЕЧНИ ТРИУМФА НА СП

Втората декада од овој век беше многу плодна за Дејан Недев. Тој во 2015 година на СП во Копер (Словенија) го освои првото место во фукуго.
– Овој момент беше еден од најсреќните во мојата кариера, зашто чувството да се биде на светскиот врв во некоја спортска дисциплина не може да се опише. Тоа може само да се доживее, а јас го доживеав тоа. Станав светски првак и влегов во светската историја на традиционалното карате. Дотогаш имав освоено многу медали и трофеи, но ова злато од Копер имаше некако посебен блесок. И денес кога ќе го погледнам медалот, како да ми се враќаат тие, можеби, најубави мигови од мојата кариера – продолжи Дејан.
Две години подоцна, на СП во Монтекатини, во Италија, го повтори успехот од Копер. Овој пат, покрај поединечниот триумф во борби, заедно со Аљоша и со Ангеловски победија и во кати, екипно, со што уште повеќе ја зголеми колекцијата медали.
– Монтекатини и настапите во овој италијански град, исто така, ми остануваат во убави спомени. Навистина беше напорно и тешко да се повтори резултатот од Копер, но, ете, успеав, а тоа ме прави многу горд – рече тој.
Инаку, конкуренцијата во Монтекатини беше неверојатно силна. Покрај најдобрите европски и азиски претставници во традиционално карате, таму беа и врвните карате-мајстори и шампиони на своите земји од Бразил, Аргентина и од Уругвај.
Приказната од настапите на СП, иако има уште многу да се прераскажува, ќе ја завршам со она финале во Каиро во 2014 година. Таму во борба за златниот медал се бореа браќата Дејан и Аљоша.
– Кога спикерот го најави финалето во борби и нагласи оти во него ќе се сретнат двајца браќа, во салата прво завладеа штама, а потоа одекна аплауз. Сега, гледачите, бидејќи немаа свој претставник во финалето, требаше да се определат за мене или за Аљоша. По малку беа изненадени и токму поради тоа што се работеше за братска двојка, помислуваа дека тоа ќе биде „мека“ борба. Но, наместо тоа, двајцата распаливме еден на друг, да покажеме дека нема респект и местење, туку докрај ќе се бориме спортски. Во тој дуел загубив и не ми остана ништо друго освен на постариот брат да му ја честитам светската титула – вели Дејан.

Инаку, покрај „златата“ од СП, Дејан има освоено и пет сребрени и три бронзени медали. Со ваков биланс ретко кој спортист може да се пофали. Сите овие резултати, а и докторатот што го одбрани на Универзитетот во Софија, на големиот шампион му овозможија да биде инволвиран во највисоките тела на Светската и во Европската федерација за традиционално карате.
– Прво станав член на бордот на Светската, а потоа и генерален секретар на Европската федерација. Со ова ми беше направена голема чест, а самото тоа говори колку сум почитуван во светот на традиционалното карате. Верувам дека и како функционер ќе можам да дадам полн придонес во развојот на традиционалното карате, спорт во кој е присутно целото мое семејство. Интересно е дека и мојата ќерка веќе успешно чекори на татамите и стана најдобра во категоријата за деца на Светското првенство минатата година. Веќе на стартот од кариерата најавува дека ќе тргне по моите стапки – вели Дејан
Веруваме и ние, зашто каратето, може слободно да кажеме дека е семеен спорт кај Недеви, кое почна да се негува уште од неговите почетоци, кога „главата“ на семејството, таткото, сега и дедо Венцислав, зачекори на татамите и беше еден од првите ученици на основоположниците на карате-спортот кај нас, професорот Атанас Кајчевски и Сејдо Теофиловски.
Карате-сторијата за Недеви ќе ја продолжам идната недела, со претставувањето на Јадранка, сестра близначка на Дејан, а ќе ја завршам со Аљоша, кој, исто така, имаше големи резултати на меѓународната сцена.