Во Скопје денеска и утре на арената „Тодор Проески“ ќе се одржува Европско првенство (ЕП) во атлетика, екипно, трета лига на кое ќе продефилираат над 300 атлетичар(к)и од 14 земји. Меѓу нив ќе бидат и најдобрите од Македонија, вкупно 24 во машка и во женска конкуренција.

Фаворити за освојување на првото место што води во Втората лига, се Србија, Исланд и Молдавија. Во српскиот состав ќе има повеќе познати имиња, како што е петкратната олимпијка, 42-годишната Оливера Јефтиќ, освојувачот на бронзен медал од ЕП во сала, во скок во далечина, Страхиња Јованчевиќ, па Асмир Колашинац (фрлање ѓуле) и други. Како резерва е најавена и европската и светска шампионка во скок во далечина, Ивана Шпановиќ, но нејзиното доаѓање и настап во Скопје се под прашалник.

Од македонските претставници најдобри постигнувања се очекуваат од Јован Стојоски, кој ќе трча на 100, 200 и на 400 метри, од Дарио Ивановски, на 1.500 и на 3.000 метри и од Дрита Ислами, на 400 метри со пречки.

На ЕП атлетичар(к)ите ќе се натпреваруваат во дваесетина дисциплини. Натпреварите започнуваат во 17.30 часот и ќе траат до 22.30 часот, а влезот на арената, на Јужната трибина, ќе биде слободен.