Баршим од Катар и Тамбери од Италија прескокнаа по 2,37 метри и секој освои златен медал. Претходно на олимпискиот победнички подиум во атлетика заедно се искачија десетобојците Торп и Висландер, кои имале ист број поени на Игрите во 1912 година во Стокхолм

ЛОИ, АТЛЕТИКА, СКОК ВО ВИСОЧИНА

Неверојатното олимписко финале во скок во височина на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Мутаз Еса Баршим (30) од Катар и Џанмарко Тамбери (29) од Италија освоија златни медали откако по исцрпувачкото двочасовно натпреварување, прескокнаа по 2,37 метри. Потоа двајцата имаа по три неуспешни обиди да го израмнат олимпискиот рекорд од 2,39 метри, по што обично се сметаат грешките при почетните скокови и така се одредува победникот, но и во тој случај беа израмнети.
Во вистински спортски дух, судиите и организаторите им понудија, а тие се согласија, да ги поделат титулата и медалите. Со тоа тие си обезбедија место во спортската историја како први што се искачиле заедно на олимпискиот победнички подиум во атлетика, од Игрите во 1912 година во Стокхолм. Тогаш олимписки победници во десетобој беа Американецот Џим Торп и Швеѓанецот Хуго Висландер, кои имале ист број поени.

– Јас го гледам него, тој ме гледа мене, и знаевме. Се погледнавме и знаевме, тоа е тоа, готово е. Нема потреба. Тој е еден од моите најдобри пријатели, не само на патеката туку и надвор од неа. Ова е остварување на сонот. Тоа е вистинскиот дух, спортскиот дух и ние тука ја пренесуваме оваа порака – изјави Баршим, кој во на ЛОИ во Лондон во 2012 година освои бронзен, а во Рио во 2016-та сребрен медал.
Исто така, ова беше победничка ситуација и за Тамбери, кој го скрши глуждот неколку дена пред Игрите во Рио во 2016 година.
– Тогаш ми беше речено дека постои можност повеќе да не можам да се натпреварувам. По повредите, само сакав да се вратам, но сега го имам ова злато, неверојатно е. Сонував за ова многупати – изјави Тамбери, светскиот и европски првак во сала во 2016 година.