Зоран Михајлов
специјално од Тарагона за „Нова Македонија“


Последните настани во медитеранското село за Медитеранските игри (МИ) во Тарагона, очигледно ја разбрануваа јавноста. Наместо да зборуваме за настапите на спортистите, за постигнување што подобри резултати, се занимаваме со некои работи што се некако типично „македонски“. Не знам, можеби грешам, но во моментите кога имаме спортисти како ракометарките на пример, кои согоруваат на теренот бранејќи ги боите на својата земја, сето внимание да се сврти кон одбојкарите и нивното предвремено враќање дома, ми изгледа несериозно.
Во првите два дена, тие доживеаја два пораза и беа елиминирани, што значи дека немаше потреба и понатаму да остануваат во убавата Тарагона. Згора на тоа имало и нивно недолично однесување во медитеранското село, па откако чашата била прелеана е донесена одлука тие предвреме да бидат вратени дома. Не навлегувајќи во детали, можеби и одбојкарите имаат своја вистина, ама од моето долгогодишно искуство, меѓу кои ги сметам и 15-те зимски и летни олимпијади, знам дека откако спортистите ќе ги завршеа настапите најчесто веднаш се враќаа дома.
Затоа, од тој аспект не треба да има лутење. Само ние и некои слични на нас со мал број квалитетни спортисти, некако ги научивме нашите репрезентативци да ги „држиме“ докрај на олимпијадите или на другите приредби. Затоа, чудно ми е, зошто има толкава прашина за предвременото враќање на одбојкарите. Па, ќе потсетам на нешто од минатото: Марк Шпиц легендарниот американски пливач, откако во Минхен во 1972 г. го освои седмиот златен медал, веднаш се врати дома! За него работата беше завршена. Истото тоа се случи и со прославениот боксерски ас Мате Парлов, кој по освојувањето на олимпиското злато, исто така, на минхенската Олимпијада, истата вечер се врати во Пула. Значи, враќањето во татковината по завршувањето на настапите е нешто логично и нормално.
Сепак, овие случувања во македонската експедиција на Медитеранските игри во Тарагона треба докрај да се разјаснат. Не би било пријатно, ако одбојкарите се оцрнети за „недолично“ однесување, ако не било така зошто до крајот на кариерата да ја носат етикетата на „лоши и невоспитани“ спортисти. Ако, пак, навистина било така, тогаш треба да ја преземат вината и од нивна страна спортски би било да се извинат. Зашто, без да ја знаеме вистинската причина за она што се случило, не можеме да судиме и да обвинуваме. Затоа, МОК што поскоро, без да заземе каква било страна, мислам на водчите на експедицијата од една, и на одбојкарите, од друга страна, да излезе со соопштение што ќе ја содржи целосната вистина. Така е и спортски, а и коректно.


Соопштенија на МОК и на ОФМ

„Поради недисциплина, недолично и неодговорно однесување, манифестирано во Медитеранското село, ноќта по последниот натпревар на македонските одбојкари против Шпанија, делегацијата на МОК на Медитеранските игри во Тарагона, одлучи машката одбојкарска репрезентација предвреме да биде вратена во Скопје“, се вели во соопштението на МОК, по случувањата во Шпанија.
По ова се огласи и Одбојкарската федерација на Македонија со свое гледање на овој настан во Тарагона, објавено преку Фејсбук: „Нашите репрезентативци во секоја пригода, на и надвор од теренот, го давале максимумот за достојно да ја претстават Македонија. ОФМ нема да дозволи имиџот на репрезентацијата да биде нарушен со паушални изјави, без никакво покритие за нив. За сето време на наводниот настан биле присутни и официјални лица од МОК и други спортисти од делегацијата. Доколку имало каков било инцидент, поединците што го предизвикале ќе бидат санкционирани. Репрезентативците се враќаат во Скопје утре, по што ќе има официјален извештај за настанот“. Г.И.