Зад „каубоите“, чија вредност од лани пораснала за четири проценти и кои четврти пат се први на листата на „Форбс“ за највредни спортски клубови, се Њујорк јенкис, Реал Мадрид, Барселона, Њујорк никс…

Далас каубојс, тимот што се натпреварува во американската национална фудбалска лига (НФЛ), четврта година во низа е највредниот спортски клуб во светот, според магазинот „Форбс“. „Каубоите“ од НФЛ се проценети на пет милијарди долари, што е за четири проценти повеќе од лани. Втори на листата се Њујорк јенкис од бејзбол-лигата МЛС, кои минатата година имаа за 10 отсто повеќе гледачи, со вредност од 4,6 милијарди долари.

Потоа, до петтата позиција, следуваат два шпански фудбалски клуба, Реал Мадрид (4,2 милијарди долари), кого Далас го помина на првата позиција во 2016-та и Барселона (4,02 милијарди долари), како и кошаркарскиот клуб во НБА, Њујорк никс (четири милијарди долари).

– Вредноста на тимовите во големите спортски лиги се во подем благодарение на големите и богати телевизиски договори на локално и на национално ниво. Приходите растат побрзо отколку платите на играчите, а клубовите се попрофитабилни од кога и да било во минатото – вели Курт Баденхаусен, уредник на „Форбс медиа“.
Клубовите од НФЛ-лигата, чии договори за преноси на натпреварите не се споредливи со која било друга лига, учествуваат со 26 меѓу 50 клуба на листата, што е намалување од 29-те од пред една година. НБА имаше девет клуба на листата, еден повеќе од лани, а европскиот фудбал и бејзболот (МЛБ) имаа по осум, односно седум.
На листата на „Форбс“ немаше ниту еден хокеарски клуб, ниту, пак, екипи од Формула 1.