Олимписката шампионка, која пропушти речиси половина од минатата сезона и најважниот настан, СП на домашен терен, победи со 1,47 секунда предност во првата трка и со 84 стотинки во втората спуст-трка во Лејк Луис

Софија Гоџа (Италија) оствари две уверливи победи во спуст во канадскиот Лејк Луис викендов и сега има веќе шест триумфа по ред во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Ако победата со голема разлика беше веќе напорна задача во првиот спуст во Лејк Луис, повторувањето на тоа во целосно различни временски услови и поради притисокот врз големата фаворитка беше уште потешко во вториот спуст во канадскиот скијачки центар, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
Во втората трка Бризи Џонсон (САД) и Корин Сутер (Швајцарија), нејзините директни ривали во поголемиот дел од минатата сезона (Американката веќе беше втора и во првата трка), успеаја да ја намалат разликата на помалку од една секунда, на 84, односно на 98 стотинки и го освоија второто, односно третото место. Во првата трка олимписката шампионка Гоџа, која пропушти речиси половина од минатата сезона и особено најважниот настан, Светското првенство (СП) на домашен терен, победи со 1,47 секунда предност пред второпласираната Џонсон. Таквата разлика е една од поголемите маргини во претходните 50 години, пишува ФИС.
Вчера во Лејк Луис се возеше супервелеслаломот, а потоа натпреварите се селат во Европа.
Како и Гоџа, две последователни победи во Светскиот куп во алпско скијање за мажи викендов забележа Норвежанецот Александар Килде, но во две дисциплини, во супервелеслалом и во спуст, на патеките во Бивер Крик (САД).