Александра Горјачкина

Младата 20-годишна Русинка, Александра Горјачкина (2.522 рејтинг-поени), го задржа убедливото водство и по 9-то коло на Турнирот на кандидатките за предизвикувачка на светската првенка. Турнирот е од 12-та категорија со просечен рејтинг од 2.532 поени), а се игра во рускиот град Казањ во 14 кола (двокружен систем), во конкуренција на осум шахистки.

Во 9-то коло, таа со црни фигури ја победи Русинката Валентина Гунина (2.506) и моментно има 7,5 поени (шест победи и три ремија), со играчки перформанс од 2.804 поени. Украинката Марија Музичук (2.563) беше подобра од Кинезинката Жонгуи Тан (2.513), а нејзината сестра Ана Музичук (2.539), со црни фигури, од Грузијката Нана Џагнидѕе (2.510). Дуелот помеѓу поранешната светска првенка, Русинката Александра Костењук (2.546), и нејзината сонародничка Катерина Лагно (2.554) заврши со реми.
Победничката на турнирот ќе ја предизвика актуелната и 17-та по ред светска шаховска првенка, Ју Венјун од Кина, во меч за награден фонд од 500.000 евра.

Табела по 9-то коло: Горјачкина 7,5. Лагно 5, А. Музичук 4,5, М. Музичук 4,5, Џагнидѕе 4, Костењук 3,5,. Тан 3,5, Гунина 3,5.