Нема причина поради која не би можел да влезам во историјата на ПГА-турнирите викендов. Во секој натпревар победата е моја цел, ја пренесе „Би-би-си“ изјавата на голферот Тајгер Вудс (44), кој на Меморијалниот турнир во Даблин, Охајо (САД), ќе оди на 83-та победа во ПГА-турнејата, со која би го надминал неговиот сонародник, Американецот Сем Снад, кој е сопственик на рекордот од 82 победи, поставен во 1965 година.

Во октомври минатата година Вудс се изедначи со Снад со освојувањето на шампионат во Јапонија. Пред паузата поради пандемијата на коронавирусот, мастерс-шампионот Вудс пропушти неколку турнири поради проблеми со грбот, а неговиот претходен настап на турнејата беше во февруари. За време на официјалната пауза поради коронавирусот, 15-кратниот победник избра да не се натпреварува на ПГА-тур настаните „зад затворени врати“.

– Подобро се чувствував со тоа што останав дома и што бев безбеден. Јас сум навикнат да играм со многу луѓе околу мене, а тоа нѐ става во опасност не само мене туку и моите пријатели и семејство – рече Вудс.
Викендов на терените Вудс ќе биде без вообичаена маса камери и гледачи, кои го следат секој негов потег на настаните. Тој признава дека бил заинтригиран за настан без обожаватели и дека во меѓувреме ги следел настаните за да види како може да изгледа голфот во блиска иднина.