На претстојниот „САД опен“ ќе учествуваат шест освојувачи на гранслем-турнирот во Њујорк, соопшти Тениската асоцијација на САД.

Почнувајќи од бранителот на титулата Рафаел Надал, потоа петкратниот шампион Роже Федерер, двојниот освојувач Новак Ѓоковиќ, како и победникот од 2009 година Хуан Мартин дел Потро, од 2012 година Енди Мареј и од 2014 година Марин Чилиќ.

Интересно е дека т.н. „големата четворка“ која ја сочинуваат Федерер, Ѓоковиќ, Надал и Мареј, првпат ќе биде заедно на „САД опен“ по 2015 година. Минатата година не учествуваа Ѓоковиќ и Мареј, додека во 2016 година отсуствуваше Федерер.

Од првите 100 играчи на АТП-листата од настапот на американскиот турнир се откажа само Томаш Бердих, па благодарение на тоа Виктор Троицки, кој е на 102-та позиција, е последниот играч кој влезе директно во ждрепката.

Квалификациите за „САД опен“ се закажани од 21 до 24 август, додека главниот турнир почнува на 27 август.