Во изминатите 30 години само тројца тенисери просечно освојувале над 54 проценти од сите одиграни поени, а тоа се Надал, Ѓоковиќ и Федерер. Следуваат четворица тенисери со над 53 проценти успешност, потоа 15 со над 52,5 отсто (во овие две групи има двајца активни играчи), 10 тенисери со процент од 52 до 52,49… Во периодот од 1991 до 2020 година има 178 играчи што во своите кариери освоиле повеќе поени отколку што изгубиле

Во претходните две децении, Швајцарецот Роже Федерер, Шпанецот Рафаел Надал и Србинот Новак Ѓоковиќ со својата игра, остварувања и со резултатите ги издигнаа и тенисот и себеси на едно повисоко ниво, пишува на својата интернет-страница Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). „Инфосис АТП“ ги анализираше процентите на освоените поени на тенисерите во текот на нивните кариери, во која тројката Надал – Ѓоковиќ – Федерер е на врвот на листата.
Статистичката анализа во тенисот првпат е забележана во 1991 година, така што анализата на „Инфосис“ ги опфаќа остварувањата на тенисерите во последните 30 години. Според оваа анализа, остварувањата на тенисерите се групирани на четири различни нивоа, засновани на различни проценти на освоените поени. „Инфосис“ напоменува дека во нивната анализа не се вклучени истакнатите кариери на тенисерите како Бјорн Борг, Рој Емерсон, Род Лејвер и неколкумина други, бидејќи не се водела статистика во периодот кога тие играле.
Во изминатите 30 години само тројца тенисери просечно освојувале над 54 проценти од сите одиграни поени. Над тој процент се само тенисерите од т.н. голема тројка. Прв на листата е Надал, кој бележи ефект од 54,55 отсто (96.208 поени од одиграни 176.360), втор е Ѓоковиќ со 54,40 отсто (92.938 од 170.841), а на третата позиција е Федерер, чиј ефект е 54,17 проценти (126.548 од 233.608). Членовите на „големата тројка“ меѓу себе се раздвоени со по половина процентен поен еден од друг, па може да се каже дека на врвот не е еден, туку сите тројца, пишува АТП.

На оваа листа по нив следуваат четворица тенисери со над 53 проценти успешност, и тоа Американецот Пит Сампрас со 53,51 отсто (72.318 освоени поени од одиграни 135.143), неговиот сонародник Андре Агаси со 53,4 проценти (72.750 од 136.240), Британецот Енди Мареј со ефект од 53,17 отсто (72.316 од 135.997 и кој е единствен активен во оваа група тенисери) и Американецот Енди Родик со 53,07 отсто (63.770 од 120.153).
Во третата група влегуваат 15 тенисери што имаат ефект од над 52,5 отсто освоени поени, како Швеѓанецот Стефан Едберг со 52,79, Холанѓанецот Ричард Крајичек со 52,57, Американците Џим Куриер со 52,57 и Мајкл Чанг со 52,52, Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро со 52,51 отсто (единствен активен играч во оваа група) итн.
Во четвртата група од анализата на „Инфосис“ влегуваат 10 тенисери, чиј процент на освоени поени е помеѓу 52 и 52,49 (Михаел Штих, Иван Лендл, Милош Раониќ, Лејтон Хјуит, Борис Бекер, Гиљермо Корија, Томас Мустер, Томас Бердих, Давид Ферер и Робин Содерлинг).
Генерално, во периодот од 1991 до 2020 година има 178 играчи што во своите кариери освоиле повеќе поени отколку што изгубиле.


НАЈУСПЕШНИ ВО ОСВОЈУВАЊЕ ПОЕНИ

Рафаел Надал  54,55      96.208      176.360
Новак Ѓоковиќ  54,40     92.938      170.841
Роже Федерер  54,17     126.548     233.608

во првата колона е процентот на освоени поени, во втората освоените, а во третата одиграните поен

Извор: АТП