Наместо тоа, во календарот треба да се додадат уште три трки во Европа, на патеките Нирбургринг и Имола и дебитантска во Ф1 на патеката Портимао

Формула 1 годинава нема да се вози во САД, Мексико и во Бразил, како резултат на ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, а наместо тоа, во календарот треба да се додадат уште три трки во Европа, на патеката Нирбургринг во Германија и Имола во Италија и дебитантска во Ф1 на патеката Портимао во Португалија, објави „Би-би-си“.
Трката во Остин (САД) требаше да се одржи на 23 октомври, таа во Мексико Сити една недела подоцна и во Бразил на 13 ноември. Трката на патеката Нирбургринг, која последен пат беше домаќин во 2013 година, се очекува да се одржи на 11 октомври, таа на Портимао, на Алгарве, би требало да следува на 25 октомври, а во Имола на 1 ноември. Имола има долги, историски врски со Ф1.

Ја замени Монца како дом на трката за големата награда на Италија во 1980 година и беше постојано во календарот како трка за големата награда на Сан Марино од 1981 до 2006 година.
Ф1 уште нема целосен календар, но останува надежта дека ќе може да има најмалку 16 трки годинава.

Со дополнителните три трки ќе има 13, а сезоната се очекува да заврши со две трки во Бахреин и една во Абу Даби во ноември и во декември. Покрај тоа, Ф1 работи на одржување на една или две трки во Азија во почетокот или во средината на ноември, пишува „Би-би-си“.