Тенисери, новинари и бројни љубители на белиот спорт изразија незадоволство и го критикуваа светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ за организацијата на „Адрија тур“ по сознанието дека учесникот на егзибициската турнеја Григор Димитров има коронавирус. Најдобриот бугарски тенисер учестуваше на турнирите во Белград и во Задар со што сите преостанати учесници, организаторите, како и дел од навивачите со кои тој се дружеше се доведени во ризик од заразата.

– Додека ги гледав мечевите на „Адрија тур“ имав чувство дека нешто не е во ред. Дали јас сум единствената? Дали ова е последица од таквата ситуација? Оздрави побргу Григор – напиша на Твитер француската тенисерка Ализ Корне.

Незадоволство изрази и американскиот тенисер Ноа Рубин.

– Ова не е во ред. Неодговорно и разочарувачки е што сметаа дека тенисот го заслужува овој ризик – се огласи  Рубин на Твитер.

„Димитров има коронавирус. „Адрија тур“ е опасна. Тие продолжуваат да се прегрнуваат и ракуваат. Потполно бесмислено. Се надевам дека Григор е во ред“, „Лут сум. Организаторите на глупавиот турнир и играчите кои се согласија да учествуваат, родителите кои ги одведоа нивните деца и публиката која купуваше билети, и кои се појавија без маски, неодржувајќи дистанца, се виновни“, гласат дел од реакциите на Твитер.

Реакциите на медиумите за веста исто така беа бурни. Познатиот тениски новинар Бен Ротенберг објави низа твитови, од кои во едниот сподели видео на кое се забележува како Ѓоковиќ, Димитров и другите тенисери се во ноќен клуб во Белград.

Директорот на „Адрија тур“ Ѓорѓе Ѓоковиќ изјави дека неговиот брат Новак тешко ја примил веста за заболувањето на Димитров, велејќи „Новак тешко ја прими веста. Ние ги преземавме сите мерки пропишани од владите на Србија и на Хрватска“.

Последните информации од Задар велат дека сите кои биле во контакт со Димитров одат на тест за коронавирусот, вклучувајќи го и главниот организатор Новак Ѓоковиќ. Постои стравување за ширење на заразата бидејќи тенисерите учествуваа и на езгибициски мечеви во кошарка и во фудбал, а имаа и средби со деца и со љубители на белиот спорт.

„Адрија тур“ беше организирана за да се пополни празнината во тенискиот календар во пандемијата, а мечевите во Белград се играа пред околу четири илјади гледачи во просек. Ѓоковиќ беше запрашан за превентивните мерки за време на турнирот во Белград.

 – Секако дека можете да критикувате, можете да кажете дали е опасно или не, но не се однесува на мене да одлучувам што е исправно или не е, во поглед на здравјето – кажа освојувачот на 17 гранслем-трофеи, нагласувајќи дека организаторите ги почитуваат превентивните мерки пропишани од властите.

АТП и ВТА објавија дека планираат продолжување на сезоната во август. М.Ж.