Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев е новиот шаховски првак на Македонија годинава. По девет одиграни кола (бергеров систем), во х. „Континентал“ во Скопје, Георгиев (2.588 рејтинг-поени, рангиран прв), кој е со потекло од Бугарија и е шесткратен шампион на таа држава во класичен шах, а двапати ги бранел боите на Македонија на шаховските олимпијади (ШО), во Блед (2002) и Батуми (2018), за првпат настапи на македонски шампионат и освои импозантни 8,5 поени (осум победи и едно реми) од девет можни, со што му припадна и наградата од 75.000 денари. Единственото реми го забележа против интернационалниот мајстор (ИМ) на Алклалоид Филип Панчевски (2.500), кој пак, го освои второто место со 7 поени, додека трет е ВМ на Алкалоид Звонко Станојоски со 6,5 поени.

Најмногу победи оствари Георгиев (8), најмногу порази Емил Крстев (7), најмногу ремија впиша ИМ Орце Данчевски (шест), кој заедно со Крстев не успеаја да се израдуваат на победа. Најмногу рејтинг-поени освои 15-годишниот Емил Крстев (26), а најмногу загуби ФМ Љубиша Андоновски (29,4).

Последен пат затворен шампионат на Македонија се одигра во 2011 година, кога победи ВМ Трајко Недев. Наградите на најуспешните им ги додели директорот на Агенцијата за млади и за спорт (АМС), Дарко Каевски. Во независна Македонија најмногу титули досега освоија Станојоски и Панчевски (по пет), Влатко Богдановски (четири), а Недев (три).

Во последното, 9-то коло, Георгиев го победи ФМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски го совлада Панчевски, а со реми завршија партиите Крстев – Андоновски, Данчевски – Ристески и Станојоски – ФМ Роберт Велески.

ТАБЕЛА: Георгиев 8,5, Панчевски 7, Станојоски 6,5, Николовски 5, Лазов 5, Велески 3,5, Данчевски 3, Ристески 3, Андоновски 2,5, Крстев 1 поен. Г.И.

ГОДИНА ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ

1992 Звонко Станојоски
1993 Влатко Богдановски
1994 Роландо Кутиров
1995 Влатко Богдановски
1996 Драгољуб Јаќимовиќ
1997 Трајко Недев
1998 Драгољуб Јаќимовиќ
1999 Тони Кироски
2000 Трајко Недев
2001 Ванчо Стаменков
2002 Никола Митков
2003 Звонко Станојоски
2004 Никола Васовски
2005 Звонко Станојоски
2006 Звонко Станојоски
2007 Владимир Георгиев
2008 Ристе Менкиноски
2009 Влатко Богдановски
2010 Филип Панчевски
2011 Трајко Недев
2012 Филип Панчевски
2013 Влатко Богдановски
2014 Филип Панчевски
2015 Звонко Станојоски
2016 Филип Панчевски
2017 Никола Николовски
2018 Филип Панчевски
2019 Кирил Георгиев