Заедничките репрезентативни подготовки во Крушево добро ни дојдоа и, секако, позитивно влијаеjа на мојата форма, вели олимпискиот кандидат Георгиевски

ТАЕКВОНДО – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО СОФИЈА

Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), Филип Додевски (до 87 кг), Филип Стаменов (до 80 кг), Марко Аврамовски (до 58 кг), Анамарија Георгиевска (до 67 кг) и Мила Релјиќ (до 62 кг), предводени од селекторот Борче Костовски, од денеска до недела ќе настапат на сениорското Европско првенство (ЕП) во таеквондо, во Софија (Бугарија). Во македонските редови постои оптимизам.
– Секогаш одам на медал и не очекувам ништо друго освен медал. Впрочем, на изминатите европски првенства тоа и го покажав. Заедничките репрезентативни подготовки во Крушево добро ни дојдоа и секако дека позитивно влијаеја на мојата форма. Се чувствувам многу добро, подготвен сум и ќе го дадам максимумот на претстојното ЕП во Софија да стигнам до медал, иако конкуренцијата ќе биде пеколна – вели олимпискиот кандидат Георгиевски, кој веќе може да се пофали со европски медали.

Македонскиот состав, иако млад, е мошне искусен и може да се пофали со повеќе освоени медали на јуниорските и на сениорските европски шампионати. Најуспешен е Георгиевски, кој зад себе веќе има бронза од ЕП (до 21 година), злато од сениорското ЕП во 2017 година (со само 18 години), потоа бронза од ЕП 2018 (до 21 година), сребро од ланското ЕП во Сараево… Додевски се закити со бронза на ЕП (до 21 година) во 2019 година, а Георгиевска е носител на бронзен медал од јуниорското Светско првенство (СП) во Тунис во 2018 година. Георгиевски и Додевски, пак, како членови на својот клуб Бутел од Скопје освоија поединечни медали, Георгиевски сребро, а Додевски злато, на клупското ЕП во Солун во 2019 година, а клубот го освои седмото место во Европа, во конкуренција на 60 клуба.
За Георгиевски (21) и понатаму најголем предизвик останува квалификацискиот турнир во Софија (7-9 мај), за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, а за да биде дел од ЛОИ, треба да биде најмалку финалист на тој турнир.