Филип Додевски (до 80 кг) и Анамарија Георгиевска (до 67 кг) се поразени во 1-то коло на квалификацискиот олимписки турнир во Софија

ТАЕКВОНДО

Европскиот првак од 2017 година и носител на сребро од ЕП во 2020 година, Дејан Георгиевски (категорија над 80 кг), остана единствената надеж за освојување на посакуваната норма за пласман на Олимписките игри (ОИ) во Токио годинава. Шампионот од Европското клупско првенство (2018) и освојувач на бронза од ЕП до 21 година во 2019, Филип Додевски (до 80 кг), и носителката на бронзен медал од Светското првенство (СП) за јуниорки во 2018 година, Анамарија Георгиевска (до 67 кг), се поразени вчера во 1-то коло на квалификацискиот турнир за пласман на ОИ, кој се одржува во Софија. Додевски немаше среќа при ждрепката и по голема борба минимално загуби (9-10) од актуелниот светски првак, Италијанецот Симеоне Алесио, додека Анамарија Георгиевска од Летонката Јолата Тарвида (7-11). Сите тројца македонски таеквондисти се членови на клубот Бутел од Скопје.

– Штета за Додевски оти одлично ја водеше борбата. Но при резултат 8-8, доби скршеница на шаката и тоа беше главна причината за минималниот пораз, по што моравме да заминеме на клиника – ни изјави Дарко Костовски, помошен тренер во македонската репрезентација.
Дејан Георгиевски ќе се бори денеска. Во неговата категорија конкуренцијата е пеколна, а меѓу другите ќе настапат актуелниот олимписки првак, Азербејџанецот Радик Исаев, и поранешниот светски шампион, Белорусинот Арман Сила. На турнирот во Софија има по четири категории во двете конкуренции. Мажите настапуваат до 58 кг, до 68 кг, до 80 кг и над 80 кг, а жените до 49 кг, со 57 кг, до 67 кг и над 67 кг, или вкупно 120 натпреварувачи од 39 држави. Само финалистите во секоја категорија обезбедуваат норма за учество на ОИ во Токио.