Момент од дуелот Гамбит - Карпош

Женското екипно првенство, прво од осамостојувањето на Македонија, секако е за поздравување и е во насока на развој на женскиот шах во Македонија, вели Стојчевски, член на УО на ШФМ

Женскиот шаховски клуб Гамбит Асеко СЕЕ од Скопје е екипен првак на Македонија за 2019 година, по одржувањето на државното првенство, во конкуренција на седум екипи.

– Женското екипно првенство, прво од осамостојувањето на Македонија, секако е за поздравување и е во насока на развој на женскиот шах во Македонија. Истото тоа беше поздравено од сите шахистки што настапија, а особено од оние што некогаш биле талентирани шахистки, но од разни причини не продолжиле со активно играње. Првенството беше борбено, а за врвот се бореа неколку екипи. Задоволен сум од настапот на мојот клуб, кој и во иднина во уште посилен состав ќе настапи на Европски клупски куп – вели капитенот на Гамбит Асеко СЕЕ, Зоран Стојчевски, кој е и член на управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).

Првенството се одржа во два града, до четвртото коло во Скопје, а завршницата во Куманово, и беше добро организирано. Гамбит Асеко СЕЕ (настапија ФМ Белослава Крстева и Ивана Манова) освои максимални 12 поени, пред Алкалоид (настапија ЖФМ Моника Стојковска, ЖИМ Габриела Коскоска и Јана Анѓелкоска) со девет и БМ Кисела Вода (Бојана Бејатовиќ и Драгана Николовска), исто така, со девет, но со послаб дополнителен критериум.

– Очекувам и во иднина да продолжи да се одржува екипното женско првенство, и тоа паралелно со машкото екипно, а дали тоа ќе биде на две или на повеќе табли, ќе решава УО на ШФМ. Она што, сепак, е значајно, е фактот што годинава се одржаа сите домашни првенства во сите конкуренции – вели Стојчевски. 


Пласман за 2019 година
Гамбит Асеко СЕЕ 12
Алкалоид 9
БМ Кисела Вода 9
Куманово 6
Карпош 4
Анпасан 2
Прилеп 0