Во финалната група сите три екипи беа израмнети

ШАХ – ЖЕНСКО ЕКИПНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Гамбит Асеко СЕЕ, Алкалоид и Центар, сите од Скопје, се екипни прваци на Македонија за 2020 година во шах во женска конкуренција. Малку необично, но на државното првенство, викендов на Попова Шапка, сите три екипи беа израмнети по секоја основа, по четири бода, по 3,5 поени по табли, а и во натпреварите по групи имаа ист број бодови.
На првенството настапија девет екипи (што е за две екипи повеќе од лани), кои беа поделени во две групи. Тимовите имаа по четири шахистки, од кои две имаа право да играат во меч. Од групите првите две екипи се пласираа во финалната група, каде што се одиграа уште две кола. Во доигрувањето, Алкалоид го победи Прилеп со 1,5-0,5, а Центар и Гамбит одиграа 1-1. Во 2-то коло Гамбит и Алкалоид одиграа 1-1, а Центар го победи Прилеп со 1,5-0,5.
– Првенството беше неизвесно до самиот крај, а учеството на 28 шахистки, од кои по една ИМ и ФМ, четири ЖИМ и две ЖФМ од Македонија, Србија, Бугарија, како и најдобрата шахистка на Романија, Ирина Булмала, доволно зборува за неговиот квалитет, на кое беа запазени сите здравствени протоколи. Необично беше што дури три екипи го освоија првото место, но такви беа пропозициите, па трите екипи се прогласени за шампиони – вели Зоран Стојчевски, член на УО на ШФМ.

Технички организатор на првенството беше ШК Анпасан, додека Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) партиципира со 50 отсто од трошоците на клубовите. Директен пласман за следното првенство обезбедија првите четири екипи, плус Прилеп и Кисела Вода, а преостанатиот број ќе се пополнува преку квалификациски турнир. Лани победи Гамбит Асеко СЕЕ со 12 бода, пред Алкалоид со 9,5 и Кисела Вода со 9,5 бода. Тогаш настапија 20 шахистки од Македонија, Србија и од Бугарија.