Тој во финалето го победи Холанѓанецот Аниш Гири со 2-0 (3,5-2,5 и 2,5 и 1,5). До крајот од оваа серија турнири остануваат да се одиграат уште два. На првиот и на третиот турнир славеше Карлсен, а на вториот Русинот Дубов

ШАХ

Норвешкиот велемајстор (ВМ) и актуелен светски првак во шах Магнус Карлсен, победи на третиот шаховски интернет-турнир со забрзано темпо на игра (вкупен награден фонд од еден милион долари), со што ја освои и паричната награда од 45.000 долари. Тој во финалето го совлада Холанѓанецот Аниш Гири, кој не успеа да ги искористи своите шанси.
– Едноставно, тој играше многу подобро отколку јас во последните три партии. Имав среќа – изјави Карлсен по победата.
Дури и кога има лош ден, неверојатно е тешко да се победи светскиот шампион.
– Имав толку многу шанси во вториот натпреварувачки ден, навистина е штета што не стигнав барем до 2-2 – рече Гири.

Турнирот беше дел од шаховската интернет-серија „Магнус Карлсен“, а настапија 12 врвни шахисти поделени во две групи, од кои првите четворица од двете групи продолжија по нокаут-систем. Се играше со темпо 15 минути за сета партија, плус 10 секунди по секој потег, а не беа дозволени ремија пред 40-от потег. Секој дуел се играше во два поединечни дена од по четири партии, а ако беше 1-1, тогаш се играше и трет ден. Карлсен беше трет во групата Б, а во четврт-финалето го победи вториот шахист на светот, Американецот Фабијано Каруана со 2-0 (2,5-0,5 и 2,5-0,5), во полуфиналето Кинезот Динг Лирен со 2-0 (3,5-2,5 и 2-1) и во финалето Гири со 2-0 (3,5-2,5 и 2,5 и 1,5).

До крајот од оваа серија остануваат да се одиграат уште два турнира, едниот (од 21 јули до 5 август) вреден 150.000 долари и финалниот (9-20 август) вреден 300.000 долари. На првиот и на третиот турнир славеше Карлсен, а на вториот Русинот Данил Дубов.