Турнирот со 28 играчи треба да почне на 3 февруари, дозволувајќи им на играчите четири дена тренинг пред главниот турнир. Турнирите за мажи во организација на АТП, пак, закажани една недела пред Австралија опен ќе почнат 24 часа порано. Вкупно 72 играчи во моментов се затворени во своите соби по позитивни случаи во чартер-авионите со кои пристигнаа во Австралија

ТЕНИС – ВО ПРЕСРЕТ НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Светската асоцијација на тенисерки (ВТА) создаде турнир исклучиво за тенисерките што не можат да ги напуштат своите простории за време на карантинот пред првиот гранслем годинава, Австралија опен, пишува „Би-би-си“. Турнирот со 28 играчи треба да почне на 3 февруари, дозволувајќи им на тенисерките четири дена тренинг пред главниот турнир. Викторија Азаренка, Бјанка Андрееску, Анжелик Кербер и Хедер Вотсон се меѓу тие тенисерки што можат да настапат на тој турнир.
Турнирите за мажи во организација на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), пак, закажани една недела пред Австралија опен ќе почнат 24 часа порано. Вкупно 72 играчи во моментов се во карантин во своите соби по позитивни случаи во чартер-авионите со кои тенисерите пристигнаа во Австралија.
– Ова беше особено предизвикувачко време за спортистите во блокада и ние, заедно со ВТА и со АТП, имаме цел да сториме сѐ што можеме за да помогнеме. Овие измени во водечките настани се направени за да им се даде на 72-те играчи малку дополнително време за да им помогнеме да се подготват. Исто така, ќе им дадеме приоритет за работи како што се тренинг-сесии, фитнес-центар и ледени бањи – рече директорот на Австралија опен, Крег Тајли, пренесе „Би-би-си“.
Извршниот директор на ВТА, Стив Симон, додаде: „Тоа ќе им овозможи на нашите спортисти да излезат од периодот на карантин правилно, да се фокусираат на нивната подготовка за враќање во конкуренција“.
Во меѓувреме, еден случај на ковид-19 меѓу оние во карантин пред Австралија опен, беше рекласиран како негативен. Сега има девет активни случаи меѓу 970 играчи и персонал во двонеделна изолација во хотелите во Мелбурн. Австралија опен треба да почне на 8 февруари.