Американската тенисерка наликува на супер-хероина од филмот „Црн пантер“

Впечатливата црна опрема што Серена Вилијамс (36) ја носи на гранслем-турнирот „Ролан Гарос“ не е моден тренд, туку потреба поради медицински причини, како што откри американската тенисерка. Припиениот едноделен костум е дизајниран за да ја спречи појавата на згрутчување на крвта.

Но, опремата ги симболизира самодовербата и сопственото вреднување на 23-кратната гранслем-шампионка, која се врати на белиот спорт девет месеци по породувањето.

– Опремата ги претставува сите жени кои издржале психички и физички тежок период,  и се опоравиле, со што имаат самодоверба и веруваат во себе. Сметам дека ова е прилика за инспирација на жените и на децата – објасни Вилијамс.

Медиумите потсетија дека американската тенисерка носела сличен „костум на мачка“ на „САД опен“ во 2002 година, додека Вилијамс порача дека опремата има сличности со филмскиот хит „Црниот пантер“.

Новата опрема потсетува на костумот што Вилијамс го носеше на „САД опен“ 2002

– Опремата е дизајнирана пред да излезе филмот, но јас велам дека тоа е мојот костум испириран од Ваканда (фиктивна африканска држава од филмот „Црн пантер“ – н.з.). Се чувствувам како принцеза-воин кога го носам – кажа Вилијамс. 

Американската тенисерка утре ќе се соочи со Австралијката Ешли Бартли во второто коло на „Роланд гарос“, откако беше поуспешна од Чехинката Кристина Плишкова во првата рунда со 2-0 во сетови.

Американката славеше во првата рунда на „Ролан гарос“