Николовски и Лазов, најперспективните млади шахисти

Без системска поддршка од државата, а преку федерацијата, уште долго ќе каскаме на опашката на европскиот шах, вели професионалниот шаховски тренер, ИМ Орце Данчевски

Во Македонија на прсти можат да се избројат млади квалитетни шахисти како во машка, така и во женска конкуренција. Така на годинашново Државно првенство (ДП) за сениорки играа само пет шахистки, а на екипното ДП седум екипи на по две табли, додека на младинското поединечно женско првенство, пет играа во категоријата до 10 години, а шест до 12 години. Ништо подобро не е ниту во машката младинска конкуренција. Така, на поединечното ДП за младинци, во категоријата до 8 години, настапија 11 шахисти, до 10 (10), до 12 (11), до 14 (18), до 16 (11) и до 18 години (7). На екипното, пак, ДП за младинци во категоријата до 8 години (4 екипи), до 10 (4), до 12 (4), 14 (6), до 14 (6), до 16 (3), и до 18 години (4 екипи).

– Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) треба повеќе внимание да посвети на развојот на младинскиот шах во машка и во женска конкуренција, отколку да се кандидира и да добива организации на европски и други првенства. Сметам дека треба да постои финансиски фонд што ќе биде строго наменет за развој на младите шаховски надежи. Точно е дека постојат шаховски школи, но тие се базираат врз комерцијална основа, односно кој има пари ќе ја посетува. Понатаму нема доволно шаховски простории, школи, стручен кадар што ќе работи со младите, а преку летото шаховски кампови… Песимист сум по ова прашање и не верувам дека ситуацијата во скоро време ќе тргне на подобро – категоричен е македонскиот репрезентативец со најмногу настапи на ЕП и ШО, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев.

Машката сениорска шаховска репрезентацијата полека старее, во неа моментално има само двајца млади играчи, кои наедно се и голема надеж на македонскиот шах. Тоа се ИМ Никола Николовски (21) и ФМ Тони Лазов (19). Просечната возраст на првите 15 од македонската листа изнесува 44 години. Од нив под 20 години има само еден, од 20 до 30 (1), од 30 до 40 (2), од 40 до 50 (5), од 50 до 60 (6). Македонскиот машки шах моментално е на 50-то место од 184 држави во светот.

– Следните кандидати за подмладување на репрезентацијата се Емил Ристески, Андреј Велјаноски и Михаил Јорданов, но сметам дека сепак сѐ уште се далеку од потребното ниво. Главен виновник за ваквата состојба со младинскиот шах е секако ШФМ, оти таа се занимава со сѐ, а на развојот на младинскиот шах воопшто не ни размислува, оставајќи го тоа само на два клуба во Mакедонија. Без системска поддршка од државата, а преку федерацијата, уште долго ќе каскаме на опашката на европскиот шах – дециден е професионалниот шаховски тренер, ИМ Орце Данчевски.

На македонската листа, како активни шахистки, пак, фигурираат само 14. Од нив под 20 години има 10 шахистки, од 20 до 30 (3), од 40 до50 (1). Иако просекот на старост им е 18,5, сепак квалитетот не е голем. На светската ранг-листа Македонките се на 108-то место од 157 држави.

– Годинава многу малку шахистки беа пријавени на ДП, иако верувам дека можеше да има многу повеќе. На екипното првенство (со по две табли), кое сѐ уште е во тек, имаше седум екипи што и не е толку лошо, но секако не и најдобро. За поголем квалитет и успех во женскиот шах, секако покрај самите шахистки и тренери, треба многу повеќе да се вложува во организирање турнири, но е потребна и помош од други шахисти, како што е на пример селекторот Влатко Богдановски, кој многу се залага, потоа Зоран Стојчевски, кој и ја формираше женската екипа за настап на ЕКК во Улцињ – вели најперспективната млада шахистка Ивана Манова.

И репрезентативецот Филип Панчевски има свој коментар по ова прашање.
– Мислам дека треба да се подобрат условите за шахистите во Македонија, за да можат младите деца, чиј број се зголемува, да бидат мотивирани да напредуваат, знаејќи дека утре ќе можат да егзистираат од шахот. Репрезентацијата во овој состав би играла уште неколку години, а за тоа време доколку се посветат уште повеќе, можно е Ристески и Велјаноски да дојдат до потребното репрезентативно ниво – смета ИМ Филип Панчевски.


Неколку кампа со врвен тренер одлично би дошле

Јас и Никола Николовски сме само млади шахисти во репрезентацијата, а во иднина би го издвоил Емил Ристески. Ова се должи веројатно на фактот што шаховските таленти обично ќе стигнат до одредено ниво и тука запираат, бидејќи нема соодветни услови за понатамoшен развој, a федерацијата беше блокирана, па не покриваше никаков дел од трошоците. А многу е тешко, кога самите шахисти треба да се финансираат на турнири. Неколку кампа со врвен тренер одлично би дошле за напредок и верувам дека тоа би резултирало со голем напредок. Проблемот сепак, според мене, е од финансиска природа, оти кога некој е најдобар во својата категорија во државата, а нема никаква бенефиција од тоа, секако дека ја губи мотивација за да продолжи понатаму со исто темпо, вели младиот ФМ Тони Лазов.

[email protected]