Oд почетокот на ЕКК во Скопје во 2015 Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со потпишувањето на договорот за организација на поединечното ЕП за мажи в година и ЕКК за мажи и за жени две години подоцна, Македонија само ќе ја продолжи традицијата на организација на најголеми светски шаховски собири, меѓу кои се ШО 1972, неколку ЕКК, „Средби на солидарноста“, силни меѓународни турнири…

Во март в година Македонија ќе биде домаќин на Европското поединечно првенство за шахисти, кое ќе се одржи во Скопје и на кое се очекува да настапат околу 300 шахисти од сите европски држави. Две години подоцна, во 2021 година, Охрид треба да биде домаќин на Европскиот клупски куп (ЕКК) во машка и во женска конкуренција (натпреварувањето е тоа што е Лигата на шампионите во фудбал).
Она што претходно се најавуваше и беше познато, во средата и официјално беше потврдено. Специјално за оваа цел во Скопје дојде претседателот на Европската шаховска унија (ЕКУ), Зураб Азмајпарашвили, кој договорот за организација на претстојните две првенства го потпиша со претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски. Азмајпарашвили, исто така, оствари средба со директорот на Агенцијата за млади и за спорт (АМС), Дарко Каевски, а потоа и со премиерот на РМ, Зоран Заев.
– Добивањето на организацијата на овие две престижни шаховски манифестации е уште еден доказ за довербата, која ШФМ ја има во ЕКУ и сигурно дека уште повеќе ќе придонесе во развојот и омасовувањето на древната игра кај нас. Премиерот на Македонија позитивно ја оцени оваа кандидатура, а патем и најави дека ќе се заложи за надминување на проблемите со блокираната сметка на ШФМ и непостоењето централен шаховски дом во Скопје – ни изјави претседателот на ШФМ, Благоја Богоевски, кој на првото собрание на ФИДЕ, што треба да се одржи во брзо време, треба да биде избран во четиричлениот европски дел на Бордот на ФИДЕ.
Македонија досега еднаш била организатор на поединечно ЕП (во 2001 во Охрид), а двапати на ЕКК (2009-та во Охрид и 2015-та во Скопје). Годинава, пак, во јуни во Охрид треба да се одржи и 61-от Светски конгрес за шаховска композиција, а Скопје во декември треба да биде домаќин на Европското првенство во забрзан и во брзопотезен шах.

– Македонија како мала земја, најдобро и најбрзо може да се промовира преку спортот. Затоа секогаш ќе наоѓаме начини и средства да ги поттикнуваме спортистите да остваруваат подобри резултати и да ги стимулираме спортските натпреварувања од секаков тип во Република Македонија – изјави премиерот Заев на средбата со Азмајпарашвили.
Со ова Македонија само ќе ја продолжи традицијата на организација на најголеми светски шаховски собири. Сепак, најголемата манифестација што воопшто била организирана во Македонија е јубилејната 20-та Шаховска олимпијада (ШО) за мажи и 5-та за жени, во 1972 година во Скопје. Кај мажите учествуваа 372 шахисти од 63 држави, а се одиграа вкупно 2.728 партии. Потоа 2-то поединечното ЕП за мажи во Охрид 2011, каде што настапија 203 шахисти од 39 држави и дотогаш беше најсилен опен-турнир одржан во шаховската историја. На првенството беше промовирана и поштенска марка на „Македонски пошти“ со мотиви од црно-белите полиња.
Тука се и незаборавните турнири на солидарноста. Во периодот од 1967 до 1976 година беа одржани вкупно шест (како одбележување на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година), на кои учествуваа голем број познати шаховски имиња, меѓу кои Роберт Фишер, Анатолиј Карпов, Самуел Решевски, Лав Полугаевски, Лајош Портиш и многу други.
Македонија двапати беше домаќин и на Европски клупски куп (ЕКК) во шах. Првиот пат во 2015 г., а 25-ти по ред во машка и 14 во женска конкуренција во Охрид, на кој кај шахистите настапиле 54 екипи од 29 држави, а кај дамите 11 екипи од девет држави. Вториот пат во Скопје во 2015 година, се одржа 31-от по ред во конкуренција на 50 машки (од 22 држави) и 12 женски екипи (од девет држави), со што Македонија вторпат ги собра најсилните европски шаховски клубови.