Македонија ќе ја претставуваат Дрита Ислами (400 метри со пречки) и Дарио Ивановски (1.500 метри)

Младите македонските атлетичари Дрита Ислами (22) и Дарио Ивановски (21) ќе ја претставуваат Македонија на 24. Европско првенство (ЕП) во атлетика, кое од утре, 6 август, па до недела, 12 август, ќе се одржува на Олимпискиот стадион во Берлин, Германија.

Прва од македонските преставници ќе настапи Ислами, која ќе трча утре претпладне во квалификациите во дисциплината 400 метри со пречки. Нејзиниот најдобар резултат на оваа делница изнесува 59.33 секунди, забележан во јуни минатата година.

Ивановски, пак, ќе се натпреварува во дисциплината 1.500 метри, в среда напладне. Неговиот личен рекорд изнесува 3:47,13 минути, остварен на Медитеранските игри (МИ) во Тарагона минатиот месец. Рекордер на Македонија во оваа дисциплина е Ване Стојанов, 3:45,91 минути, поставен во 2001 година.

Тренер на македонските атлетичари на ЕП е Игор Јакимовски.
Во следните неколку дена на ЕП во Берлин ќе настапат околу 1.600 атлетичар(к)и од 51 земја, кои ќе се натпреваруваат во 47 дисциплини.