Норвежанецот Карстен Ворхолм го освои златниот медал со нов светски рекорд, 45,94 секунди. Неговиот голем ривал, Американецот Раи Бенџамин го освои среброто (46,17), а Бразилецот Алисон дос Сантос ја освои бронзата (46,72) во една од најдобрите трки во историјата на Олимписките игри

Меѓу љубителите на атлетиката, една од најочекуваните трки на Олимписките игри (ИО) во Токио беше онаа на 400 метри со пречки во машка конкуренција. Се предвидуваше светски рекорд, така и се случи. Норвежанецот Карстен Ворхолм (25) го освои златниот медал со нов светски рекорд, 45,94 секунди. А минатиот месец, на 1 јули, Ворхолм го собори светскиот рекорд на Американецот Кевин Јанг стар 29 години, од 1992-та, со време од 46,70 секунди. Неговиот голем ривал, Американецот Раи Бенџамин (24) го освои среброто со време од 46,17 секунди, а Бразилецот Алисон дос Сантос (21) ја освои бронзата со 46,72 секунди, исто така подобро време од доскорашниот рекорд на Јанг, пишува „Ројтерс“.
– Го знаете клишето, емоциите сѐ уште не слегнале? Мислам дека не се, но се чувствувам прекрасно. Не ми се верува за времето, многу е брзо. Многупати ме прашуваа за совршена трка. Им велев дека не постои тоа, но ова е најблиску до такво нешто. Пред трката си реков сети се на целиот труд што си го вложил. Ова беше единственото нешто што недостигаше во мојата колекција на медали. Не можам да опишам колку е важно ова за мене – изјави Ворхолм
Норвешкиот весник „Верденс ганг“ го нарече „супердуел“. „Дагбладет“, друг весник во Осло, имаше наслов „Златен дуел“.

Во текот на минатите 12 месеци, Ворхолм, за кого медиумите пишуваат дека сака риболов, стари автомобили и да реди лего-коцки, истрча две од четирите најбрзи времиња, вклучувајќи го и светскиот рекорд (46,70) во рамките на Дијамантската лига.
Но и Бенџамин беше доминантен. Тој освои сребро на Светското првенство (СП) во 2019 година, а потоа го истрча третото најбрзо време на изборните олимписки натпревари во САД. Тој и Ворхолм истрчаа 13 од 20-те најбрзи времиња пред финалето.
– Мислам дека тоа беше најдобрата трка во историјата на Олимписките игри. Тројца момци трчаа побрзо од доскорашниот светски рекорд. Да ми речеше некој дека на Игрите ќе истрчам 46,1 и оти ќе загубам, ќе го претепав и ќе го исфрлев од мојата соба. Но среќен сум оти станав дел од историјата. Никој не трчал толку брзо во исто време – изјави Бенџамин.
Поранешниот светски рекордер на 110 метри со пречки, Британецот Колин Џексон (54) додаде дека ова е најневеројатниот светски рекорд.
Кога зборувате за светски рекорди, ова е на исто ниво со времето на Усеин Болт од 9,58 секунди и на Флоренс Грифит Џојнер од 10,49 секунди на 100 метри. Ова е еден од најневеројатните светски рекорди и сигурен сум дека ќе ме надживее – рече Џексон.