Претседателот на ФИА, Жан Тод, неодамна потврди дека полнењето гориво се враќа на агендата за 2021 година, иако постои поделба на мислењата дали тоа ќе биде позитивно

Возачите на Формула 1 (Ф1) ја поддржуваат идејата за враќање на точење гориво за време на трките, бидејќи сметаат дека тоа е привремено решение за еден од најголемите проблеми на шампионатот – големата тежина на автомобилите. Ф1 е во клучен период на преговори за следниот пакет нови правила, кој ќе стапи во сила од 2021 година. Директорот на Ф1, Рос Браун, е решен да го подобри спектаклот со подобри трки и со помала разлика меѓу болидите на патеката, пишува ЕСПН.

Годинава возачите беа вклучени во процесот на креирање одлуки првпат во историјата на Ф1. Возачот на Хаас, Ромен Гросжан, претседател на Асоцијацијата на гранпри-возачи (ГПДА), вели дека возачите доставиле одредена листа.
– Од четирите точки на ГПДА, број еден се гумите, број два е аеродинамиката, број три е тежината, број четири се парите за тимовите. Мислам дека ако се решат овие четири точки, трките ќе бидат одлични – вели тој.

Веќе десет години нема долевање гориво за време на трките, поради безбедносни и финансиски причини. Тоа значи дека модерните тркачки автомобили почнуваат трки со полн резервоар. Претседателот на ФИА, Жан Тод, неодамна потврди дека полнењето гориво се враќа на агендата за 2021 година, иако постои поделба на мислењата дали тоа ќе биде позитивно. Гросжан рече дека враќањето на долевањето гориво ќе му помогне на Ф1 да го реши најважното прашање на ГПДА.

– Ова го сакаме не затоа што мислиме дека е одлично за трките туку затоа што треба да ја намалиме тежината на автомобилот за да му помогнеме на Пирели. Тоа е привремено решение за да биде болидот полесен за 60-70 кг. Тоа е една од причините за прегревањето на болидите – изјави Гросжан.
На прашањето дали може да се подобрат трките, тој вели дека тоа ќе им помогне на гумите, кои се голема слабост.

– Кога почнав пред 10 години автомобилите тежеа 605 кг, а сега 140 кг повеќе и може да почувствувате дека автомобилот во свиоците со мала брзина е многу тежок, а на почетокот на трката дури и повеќе, тогаш се 850 кг или слично. Чувствуваме дека тоа е премногу за Ф1-автомобил. Полнењето гориво за време на трките е најлесниот и најевтин начин да се намалат 70 кг од тежината на автомобилот“ – рече Гросжан.
Возачот на Вилијамс, Роберт Кубица, е еден од неколкуте актуелни возачи што возеа во ерата со полнење гориво.

– Ако јас решавав, никогаш немаше да го отстранам тоа. Секогаш постојат различни агли и различни причини, од различна перспектива, но мислам дека од перспектива на возачот, тоа може да биде само позитивно, автомобилите ќе бидат полесни, што ќе им олесни на гумите. Ова, исто така, може малку да ги зачини и стратегиите. Сега сте раководени од гумите за тоа кога ќе застанете, и тоа се сосема јасни стратегии. Затоа мислам дека тоа може да биде нешто што ќе биде дополнителен фактор Гросжан може да има позитивно влијание врз трките – вели Кубица.