ТЕНИС

Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) усвои нов систем на бодување, кој ќе важи до крајот на сезонава, погодена од пандемијата на коронавирусот. Привремениот систем на бодување АТП го направи во соработка со четирите гранслем-турнири и со Интернационалната тениска федерација (ИТФ). Најдобрите 18 резултати ќе важат 22 месеца наместо вообичаените 52 недели, од март 2019 година до крајот на годинава. Со новиот систем на бодување тенисерите ќе можат да ги задржат бодовите освоени на турнирите во 2019 година, доколку постигнат послаб резултат на истиот турнир годинава.

– Овој систем на бодување обезбедува флексибилност и правичност за играчите на сите нивоа, стабилност за играчите што не можат или претпочитаат да не се натпреваруваат во 2020 година заради здравје и безбедност, обезбедува систем што може да се приспособи на понатамошните промени во календарот ако е потребно, ги наградува играчите што играат добро по продолжувањето на сезоната и го одржува принципот на одбрана на турнирските поени од недела на недела во 2021 година – пишува на интернет-страницата на АТП.

Рангирањето на АТП-листата беше замрзнато во март, со прекинот на сезоната поради пандемијата на коронавирусот. АТП-сезоната треба да продолжи во Вашингтон на 14 август.