Словачка е 15-та земја со трофеј во Светскиот куп, а Пинтуро е третиот Французин што го освојува големиот кристален глобус

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Петра Влхова од Словачка и Алексис Пинтуро од Франција првпат во кариерите се победници во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Влхова (25) е првата скијачка од Словачка што ги освојува титулата и големиот кристален глобус во овој спорт, а Словачка е 15-та земја со трофеј во СК.
– Ова беше нашата цел од почетокот на сезоната, успеавме и навистина сум среќна. Борбата за титулата во генерален поредок е исклучително тешка, не можам ниту да ја опишам. Имав некои идеи колку може да биде тешко, но во реалноста е уште потешко. Но на крајот, го имаме големиот глобус, по навистина многу напорна работа, бидејќи се натпреварував речиси на сите трки, освен во спуст на Светското првенство – изјави за словачката национална телевизија РТВС, Влхова, која сезонава постигна шест победи и имаше 10 искачувања на победничките подиуми.
Пинтуро, кој во минатите пет сезони беше втор или трет, со победата во последната велеслаломска трка сезонава, и со претходни 33 победи во СК, повеќе од кој било скијач без да стане и вкупен победник, конечно триумфира и во генералниот пласман, на 30-от роденден. Тој е првиот вкупен победник во СК од Франција во претходните 24 години, по Лик Алфан. Трет Французин што победил во СК е Жан-Клод Кили, во првите две сезони, во 1967 и во 1968-та.
– Тренирав многу напорно, со години. Секогаш давав сѐ од себе и, ете, на крајот се исплатеше – изјави Пинтуро, кој е победник и во дисциплината велеслалом, во која го освојуваше второто или третото место во претходните осум години, обично зад Марсел Хиршер или зад Тед Лигети.
Со 34-та победа во кариерата во СК, Пинтуро го помина Американецот Боде Милер на осмото место на листата за мажи.


СВЕТСКИ КУП, ПОБЕДНИЦИ

Жени
Вкупна победничка: Петра Влхова (Словачка)
Спуст: Софија Гоџа (Италија)
Супервелеслалом: Лара Гут-Бехрами (Швајцарија)
Велеслалом: Марта Басино (Италија)
Слалом: Катарина Линсбергер (Австрија)
Паралелвелеслалом: Петра Влхова (Словачка)

Мажи
Вкупен победник: Алексис Пинтуро (Франција)
Спуст: Беат Фојц (Швајцарија)
Супервелеслалом: Винсент Крихмаер (Австрија)
Велеслалом: Алексис Пинтуро (Франција)
Слалом: Марко Шварц (Австрија)
Паралелвелеслалом: Алексис Пинтуро (Франција)