„Скопје опен шаховски фестивал“, кој ќе се состои од три турнира, ќе се одржи викендов во Скопје (х. „Континентал“), и тоа утре (11 ч.) и в недела (10 ч.) е отворениот турнир со забрзано темпо на игра, в недела (18 ч.) е турнирот со брзо темпо, а во двата дена ќе се игра турнирот за јуниори во забрзан шах.
– Целта е да продолжи традицијата на организација на квалитетни турнири за пошироката шаховска јавност. Шаховскиот сојуз на Град Скопје и ШФМ обезбедија протокол од Министерство за здравство за овој настан, во кој јасно се пропишани сите пропозиции со кои шахистите, судиите и сите овластени лица се заштитени. Така, на секој играч ќе му се мери температура пред почетокот на турнирот, ќе се игра со маска на лицето, на маса од 1,2 м, а растојанието меѓу масите ќе биде три метри.

Поради забраната на следење на турнирот во салите, првпат ќе има линк за вклучување во живо на интернет, па така и љубителите на древната игра ќе можат да ги следат најинтересните партии – вели Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на Скопје, кој е и организатор на настанот, а со поддршка на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).
Досега на турнирот со забрзано темпо (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој потег) се пријавени 84 учесници, од кои осум шахистки, од Србија, Албанија, Косово, Бугарија и од Македонија. На турнирот со брзо темпо (три минути, плус две секунди) има 74 учесници, од кои седум шахистки, а на јуниорскиот турнир (од 8 до 16 години) има 45 учесници (17 шахистки), од Македонија, Србија и од Албанија. Наградниот фонд на турнирот со забрзано темпо е 120.000 денари (за победникот 24.000), на турнирот со брзо темпо е 60.000 денари (за првиот 12.000) и на јуниорскиот турнир 40.000 денари (за најуспешниот 9.000). Предвидени се и повеќе специјални парични награди во одредени категории.