Релито „Дакар“, кое за првпат се оддржува во Саудиска Арабија ја зеде својата прва жртва годинава, откако португалскиот ветеран Пауло Гонсалвеш почина по судирот кој го имаше на неделната седма етапа.

Четириесетгодишниот Гонсалвеш се натпреваруваше на своето 13-то рели „Дакар“ со индискиот производител Херо, и беше 46-ти во генералниот пласман. Тој се судрил по 276-тиот километар на релито во 10.18 часот по локално време, а откако пристигнал медицинскиот хеликоптер, било утврдено дека имал срцев удар. Тој е првиот натпреварувач кој загинал на релито по Михал Херник во 2015 година.

Гонсалвеш имаше освоено бројни мотокрос и ендуро титули во Португалија, пред да дебитира на „Дакар“ во 2006 година, завршувајќи на 25-то место. Во 2009, во првото рели во Јужна Америка, тој беше во топ 10 со пласман на 10-то место, а во 2013 година го повтори успехот, а ја освои и ФИМ крос-кантри титулата.