Касаи на ЗОИ 2014 стана најстариот скијач-скокач носител на олимписки медал (поединечно сребро и тимска бронза) и може да биде првиот со настап на девет ЗОИ, а Аман е рекордер со четири поединечни златни медали во скијачки скокови на Зимски игри

Јапонецот Нориаки Касаи (47) и Швајцарецот Симон Аман (38), натпреварувачи во скијачки скокови, најавија дека ќе се натпреваруваат барем до Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг во 2022 година, објави „Олимпискиот канал“.

– Следната сезона ќе биде моја, ќе се натпреварувам и целта ми е настап на ЗОИ 2022. Ако имате цел, не постои изгубено време – ја пренесе „Олимпискиот канал“ изјавата на Касаи, за кого сезонава беше најслаба во кариерата, откако отпадна од јапонската репрезентација и првпат не се пласира меѓу 30-те најдобри од дебито во сезоната 1988/1989.

Касаи на ЗОИ 2014 стана најстариот скијач-скокач носител на олимписки медал, со освоеното сребро на големата скокалница и бронза во тимскиот натпревар. Ниту еден спортист не се натпреварувал на девет ЗОИ, а Касаи може да биде тој што ќе го постави таквиот рекорд, пишува „Олимпискиот канал“.
По четири злата на шест зимски олимписки игри, Аман верува дека може да оствари нови успеси на Игрите во Пекинг.

– Според тоа како се натпреварував зимава, заклучив дека треба да продолжам, а не де се повлечам. Добив многу самодоверба. Сигурен сум дека можам пак да имам одлични резултати. – ја пренесе „Олимпискиот канал“ изјавата на Аман за Скијачката федерација на Швајцарија.
Швајцарецот го изненади светот со двата триумфа на ЗОИ 2002 во Солт Лејк Сити, а двојната победа ја повтори на Игрите во Ванкувер во 2010 година, за рекордни четири поединечни медали во скијачки скокови на Зимски игри. Претходниве пет сезони Аман има само еден пласман меѓу првите тројца во Светскиот куп, пишува „Олимпискиот канал“.