По три последователни борбени ремија, актуелната светска шампионка во шах, Кинезинката Ју Венјун (2.584 рејтинг-поени, рангирана втора во светот), водејќи ги белите фигури, ја доби четвртата партија (во 63-от потег) во мечот за светската круна против руската предизвикувачка Александра Горјачкина (2.578, рангирана четврта), откако Русинката играше непрецизно во завршницата. Моментниот резултат е 2,5-1,5 за Венјун.

Денес е слободен ден, а петтата партија во која белите фигури ќе ги води Горјачкина се игра утре. Мечот се одржува во два града, првите шест партии во Шангај (Кина), а вторите шест во Владивосток (Русија).

Горјачкина (21), која е двократана младинска светска првенка (ги бранеше боите и на скопски Гамбит Асеко СЕЕ, кога клубот го освои сребрениот медал на Европскиот клупски куп во Скопје во 2015 година), триумфира на ланскиот Турнир на кандидатките во Казан. Венјун (28), пак, стана светска првенка во 2018 година, во мечот со сонародничката Жонгуи Тан, а истата година успеа и да ја одбрани титулата (по нокаут-систем), победувајќи ја во финалето Русинката Катерина Лагно.

Венјун и Горјачкина досега одиграле неколку партии со забрзано и со брзо темпо, а позитивен резултат има Кинезинката, додека нивната единствена класична партија минатата година на гранппри-турнирот во Сколково заврши без победник.