Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во организација на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, вчера пред просториите на редакцијата, на отворено се одигра симултанка на шест табли помеѓу македонската шаховска легенда Димитар Илиевски и вработените во весникот. Малку е познато дека академик Блаже Конески, истакнат книжевник, поет, прозаист, раскажувач, еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, беше и голем љубител на шахот, но и прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија. Конески и самиот активно играше шах, а ќе остане забележан и неговиот меч со велемајсторот Матановиќ. Токму по тој повод, преку овој настан „Нова Македонија“ му оддава признание на Конески, кој беше и првиот лектор на „Нова Македонија“. Во време кога македонскиот јазик и идентитет се под невиден притисок и уцени однадвор, потребни се навистина велемајсторски потези и пораки, какви што знаеше да одигра и да каже самиот Конески

ПО ПОВОД 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Во организација на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, македонската шаховска легенда Димитар Илиевски вчера пред просториите на редакцијата одигра симултанка на шест табли, по повод 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, но и талентиран и силен шахист и прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија.
– Многу ми е драго што симултанката ја играме на значајниот јубилеј, на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески, кој беше истакнат книжевник, поет, прозаист, раскажувач и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик. Но да истакнам дека Конески беше и многу талентиран и силен шахист. Тој беше првиот претседател на Шаховската федерација на Македонија, избран на основачкото собрание на 19 август 1948 година. Симултанката ја посветувам и на 35-годишниот јубилеј на мојот драг пријател Живко Поповски-Цветин, од добивањето на преписот на песната „Ружа“ од стихозбирката „Везилка“ на Блаже Конески, лично посветена на Поповски – изјави Илиевски, рекордерот според бројот на одиграни симултанки во Македонија и според бројот на противници на една симултанка, 58, пред 40 години.
Македонскиот сликар и хуманист Поповски на секој од учесниците на симултанката во „Нова Македонија“ му подари своја уметничка слика.
– Многу ми е драго што пред редакцијата на „Нова Македонија“ го организиравме овој прекрасен настан „Со мудрост за мир“, затоа што шахот е мудра игра, а мудри се и луѓето што ја прифатија идејата. Оваа манифестација му ја посветуваме на Блаже Конески, сто години од неговото раѓање. Да кажам и еден податок, дека во 1946 година Конески играл на шестата табла на меч во „Пелистер“, со Александар Матановиќ, а на шест табли се одигра и оваа симултанката во организација на „Нова Македонија“ во чест на Конески. Конески ремизирал со велемајсторот Матановиќ, повеќекратен првак на Југославија. Мудрите луѓе се тука, на едно место, заедно со оние што се пријатели на шахот, пријатели на „Нова Македонија“. Преку Илиевски подарувам по една слика за секој шахист, „Цвеќе на мирот“ или „Цветно шаховско поле“, или како што вели Гоце Делчев – „Јас го разбирам светот единствено како поле, ’јас велам цветно поле‘, за културен натпревар меѓу народите“. Оваа симултанка беше организирана во рамките на програмата 100 партии шах во чест на Блаже Конески, а во настанот во организација на „Нова Македонија“ беше одиграна 33-та партија – рече Поповски.

Симултанката на Илиевски во организација на „Нова Македонија“ е со вкупен нерешен резултат, 3-3. Илиевски годинава одбележува повеќе јубилеи, 60 години како еден од врвните шахисти на Македонија, 50 години шаховско мајсторство и од најголемиот успех во 1971 година на петтиот турнир Средба на солидарноста во Скопје…
– Пред почетокот на тој турнир бев со најслаба титула, кандидат-мајстор и со најслаб рејтинг меѓу учесниците. Се очекуваше да бидам последен, 16-ти, но направив сензација, бев петти, ја освоив титулата југословенски шаховски мајстор, титулата ФИДЕ-мајстор, ја надминав нормата за титулата Интернационален мајстор и освоив прв бал и минимална рејтинг-норма за велемајстор, како прв македонски шахист што ја исполни рејтинг-нормата за ВМ. Тоа ми е најголем успех, освоив 180 рејтинг-поени, бев 120-ти на светската листа – вели Илиевски.
По одиграните шаховски мечеви, учесниците заедно во воздух пуштија и балони исполнети со хелиум, кои со себе понесоа уште едно уметничко дело на Поповски со пораката „Со мудрост за мир“.