Французинот Максим Вашер-Лаграв (2.780 рејтинг-поени) и Кинезот Динг Лирен (2.801) се финалисти на завршниот турнир од годинашната серија гран-турнири, што се игра во Лондон, вреден 350.000 долари (за победникот 150.000). По малку изненадувачки, Вашер-Лаграв во полуфиналето го победи светскиот првак Магнус Карлсен (2.872), но дури во дополнителниот тајбрејк од две партии (2х10 мин., плус 5 сек.) со вкупен резултат 15,5-14,5, откако во регуларниот тек беше нерешено (сите партии завршија реми, освен две со брзо темпо). Лирен, пак, беше убедлив против искусниот Ерменец, Левон Аронијан (2.775) со 19-9 (доби двете партии со забрзано и две со брзо темпо, а Аронијан една со брзо темпо). Финалниот дуел започна вчера, со првата партија со класично темпо на игра.

До август годинава, Карлсен се сметаше за недопирлив во брз шах, оти не изгуби ниту еден тајбрејк во последните 12 години, а ги доби убедливо во тајбрејк последните два дуела за светски првак. По поразот во тајбрејкот на турнирот во Синкфилд од Динг и на СП во забрзан шах од Американецот Весли Со, Карлсен сега го загуби и третиот ваков меч во интервал од пет месеци, откако по двете партии со класично темпо и во забрзан шах и четирите во брз шах, резултатот беше нерешен. Карлсен го призна поразот.

– Тој е одличен играч и заслужено победи. Искрено, чувствував дека ова нема да биде мојот ден. Противникот испушти неколку шанси да го добие мечот и порано, а јас едноставно не бев доволно добар во критичните моменти – рече Карлсен.
На Вашер-Лаграв овој настан не му бил главен приоритет.

– Турнирот беше корисен, но не и мој прв приоритет. За мене главен приоритет секако беше да се пласирам на Турнирот на кандидатите. Всушност среќен сум што тука ги оттргнав мислите од претстојниот Турнир на кандидатите. Не чувствував никаков притисок, освен фактот дека одиграв многу партии против најдобриот противник што може да се добие – истакна Вашер-Лаграв.
Другото полуфинале беше сосема друга приказна. Необично е што Аронијан немаше шанси против Лирен, кој очигледно е во одлична форма.