Покрај дружењето и настапите на турнирите, една од главните цели е промоција на ватерполо спортот кај помладите генерации во Скопје и во Македонија, велат ветераните

Дружење, спортски активности со редовни тренинзи, потсетување на минатите денови зачинето со одигрување турнирски натпревари во Скопје, но и надвор од Македонија, во Србија, Црна Гора и во Хрватска се дел активностите на ватерполо ентузијастите, ветераните на скопски Вардар кои пред 30-ина години играа во Втората лига на поранешна СФР Југославија.

Неодамна, тие во базенот „Младост“ што работи во рамките на СРЦ „Борис Трајковски“ го организираа традиционалниот турнир по повод „13 Ноември“, денот на ослободувањето на Скопје на кој настапија „Рекреативо“ и „Сомови“ од Србија, „Галеб“ од Макарска, „Славија“ од Софија, Бугарија, како и „Вардар“ и Бета од Скопје.

– Функционираме повеќе години наназад, а не има 25 до 30-на активни ватерполисти, на возраст од 40 до 57 години, но има и неколкумина повозрасни. Двапати неделно (среда и недела) се собираме, се рекреираме, па и тренираме, иако не во класичната смисла на зборот. Најглавна ни е дружбата, занимавањето со овој прекрасен спорт со кој сме другарувале во помладите години. Соработуваме, контактираме и играме натпревари на турнири со слични ветерански екипи од соседните земји. Неодамна, потпомогнати од општината Карпош и градот Скопје, повторно го организиравме традиционалниот турнир по повод 13 Ноември кој датира од 1980-та. Претходно годинава настапивме во Сараево, БиХ, во Врњачка Бања, Србија, во Охрид во септември, а планираме во февруари 2019-та да настапиме на турнир во Херцег Нови, Црна Гора – вели Мики Миленковиќ (71), еден од највозрасните во оваа ватерполо дружина, кој претходно над 20-на години активно се занимавал со овој спорт и настапувал за неколку српски клубови во тогашната Прва Б-лига на Југославија.

Тимот на Вардар ветерани, покрај Мики Миленковиќ, го сочинуваат Томи Стефановски (маратонецот), Боро Стефановски, Стефан Фарцаловски, голман и капитен, Михајло Михајлов, Ромео Нестор, синот на легендарниот македонски маратонец, Нико Нестор, Небојша Стајковиќ,Ристо Дамчевски, Сашо Спировски, Влатко Николовски, Александар Димиќ, Радислав Кочовски, Андреј Ѓорѓиевски и други.

– Една од главните цели ни е промоцијата на ватерполо спортот кај помладите генерации во Скопје и во Македонија, сакаме младите да научат да пливаат и потоа да се занимаваат со овој спорт. Нашиот клуб функционира врз принципот на самофинансирање, за жал засега немаме помагатели и спонзори. Одлично соработуваме со клубот Бета, како и со двата нови клуба што неодамна се формираа, во Куманово и во Крива Паланка. Постои иницијатива за формирање и на други нови ватерполо клубови во Скопје со цел привлекување на најмладите да се запознаат и да ги засакаат водените спортови. Ватерполото во Македонија не е на завидно ниво, главно клубовите опстојуваат во рамките на пливачките клубови, инфраструктурата исто така не е на завидно ниво. Следна цел ни е повторно да организираме државно првенство и тоа што поскоро, до крајот на 2018-та, по пауза од 10-на години. За натаму ќе видиме како ќе одат работите, имаме поддршка од надлежните во Македонија, и од ватерполо федерациите од соседните земји, и јас се надевам дека претстојат подобри денови за овој спорт во Македонија – вели Андреј Ѓорѓиевски, ватерполо ветеран и меѓународен ватерполо судија со ФИНА и ЛЕНА лиценца од 2004 година, адвокат од Скопје. Л.Д.