Зоран Михајлов му предава награда од „Нова Македонија“ на Ванчо Балевски, за најдобар стрелец на Вардар во сезоната 1971/72

Истакнатиот македонски фудбалер и тренер Кирил Симоновски-Џина му го покажа вистинскиот правец во фудбалот. Балeвски тргна по стапките на татко си Тодор и имаше успешна кариера, а со Хајдук го освои Купот на Југославија. По активното играње, заплови и во тренерските води

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (164)

Тодор Балевски беше еден од првата генерација вардарови фудбалери од 1947 година, кога практично беше формиран нашиот најпознат и најтрофеен фудбалски клуб. Тој и пред да пристигне во Вардар играше за други клубови и не беше непознат во фудбалскиот свет. Меѓутоа, она што е интересно за него е фактот дека тој во Вардар остана цели десет години. Во тој период одигра многу натпревари, а за најплодна се смета сезоната 1953/1954 година, кога Вардар заврши на 9-то место на табелата во Првата лига, а Балевски одигра 18 средби.
Тоа беше една квалитетна генерација на Вардар, на која најстарите љубители на фудбалот веројатно се сеќаваат. Во неа, покрај Балевски, беа уште Ѓорѓи Цинциевски-Џинка, Благоја Видиниќ, Урош Петровски, Славко Дацевски, Стојан Велковски, Павле Георгиевски, Иван Новаков, Предраг Лазаревски, Васко Кокиновски-Макара, Диме Арсовски, Андреа Леов, Миле Миланов, Велибор Антиќ, Драган Геров, Љубомир Цветковски-Жмара, Јане Јаневски и Андон Дончевски. Во Вардар конкуренцијата беше силна и тешко беше да се дојде во првата постава.

Но она што беше битно, сите дишеа како еден и немаше љубомора. Тие беа ценети и респектирани личности, не само од македонската туку и од југословенската фудбалска јавност.
Ете, во една таква средина го создаваше својот имиџ Тодор Балевски, кој подоцна по познатиот загрепски фудбалер и југословенски репрезентативец Велфл, со кого имаше многу сличности во играта, го доби и прекарот Велфл. Токму тој Тодор Балевски, кој подоцна продолжи и како тренер, му е татко на познатиот фудбалски интернационалец Ванчо. Во семејството имаше уште еден фудбалер, братот на Ванчо, Иле, кој, иако многу талентиран, не успеа да создаде некоја побогата кариера.
Во овој запис, посветен на легендите од минатото, ќе стане збор за Ванчо Балевски-Змија, кој се вбројува во редот на најдобрите македонски фудбалери. Тој имаше интересен, најчесто со успеси исполнет фудбалски пат, во кој, како што е случај и со другите фудбалери, имаше и многу турбулентни дури и разочарувачки моменти.

МЛАДИНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ НА ЈУГОСЛАВИЈА

Сон на секое скопско дете во тие педесетти години од минатиот век беше да стане член на Вардар. Таква беше ситуацијата и со Ванчо.
– Откако татко ми виде оти сум многу загреан за фудбалот и по цел ден ја шуткам топката на улица, еден ден ми рече, ајде со мене, одиме во Вардар. Ме донесе на помошниот терен и на својот поранешен клупски другар Урош Петровски, кој беше тренер на подмладокот, му рече: „Ова е син ми, ти го препуштам тебе, види дали од него може нешто да излезе“. Буквално со тие зборови му се обрати на Урош и си замина. Не сакаше повеќе да се меша и ме препушти самиот да се борам. Ако успеам, тоа ќе биде мој успех, а не сите да мислат дека играм во подмладокот на Вардар поради тоа што сум син на Велфл.

Јас верував во себе и уште на првите тренинзи добив пофалби од Урош. Тоа беше многу охрабрувачко за мене, зашто ако тренерот ме фали тоа значи дека навистина има нешто во мене. Набргу станав член на првата постава на подмладокот и веќе на позицијата на плејмејкер немаше кој да ме замени. Така почна мојата фудбалска кариера, која се одвиваше некако брзо, па така станав и член на младинската репрезентација на Македонија. И не само тоа, туку на сојузниот натпревар одиграв добро и ги освоив симпатиите на Милјан Милјаниќ и на Анте Биќе Младиниќ, кои беа одговорни за младите селекции на поранешната држава. Така, заедно со Михајло Чаршафски и со Лазар Мојсов станавме членови на младинската репрезентација на Југославија. Од тие моменти веќе немаше дилеми оти мојата кариера ќе оди во нагорна линија – се сеќава Балевски.

НЕ БЕВ ПО ВКУСОТ НА РУШЕВЉАНИН

Но верувањата и очекувањата се едно, а реалноста друго. Кога Ванчо Балевски мислеше оти на млади години ќе заигра за сениорскиот тим на Вардар доаѓа до пресврт.
– На подготовките во Струга, тогашниот менаџер на Вардар, познатиот спортски новинар од Нови Сад, инаку еден период член на селекторскиот тим на Југославија Хуго Рушевљанин, сметајќи дека не сум доволно квалитетен за Вардар ми рече по подготовките да си барам друг клуб. Јас бев разочаран, но тоа како да ме разлути и отидов во месниот ривал Работнички. Тука наидов на една здрава средина, во која покрај капитенот Томче Филиповски беа уште Јосиф Сребров, за мене еден од најинтелигентните македонски фудбалери, потоа Миди Каратошев, Панде Наков, Тодоровски, Поер и други. Иако бев најмлад сите тие ме примија во својата средина, како долго да сме се познавале. Можеби тоа беше така и поради респектот што го имаа кон мојот татко. Исто така, тие ги гледаа и моите игри за младинската екипа на Вардар и за младинската репрезентација, па веројатно сметаа дека сум доволно квалитетен за да можам да им парирам.

Така, на 17-18 години дебитирав за Работнички, за кој настапував околу две сезони, сѐ до доаѓањето на познатиот тренер Душан Варагиќ на кормилото на Вардар. Тој веројатно имаше информации за мене од селекторите на младинската југословенска репрезентација Младиниќ и Милјаниќ, па побара да се вратам во „старото јато“. За мене, иако се сродив некако со средината во Работнички, сепак, понудата беше привлечна и не сакав да ја испуштам шансата. Така повторно се најдов во Вардар, но овој пат играчки поискусен – вели тој.
За да не биде сѐ како што треба, Балевски мораше веднаш да замине на отслужување на воениот рок во Белград. Тоа беше мала пречка за натамошниот развој, но, сепак, Ванчо беше задоволен зашто имаше преддоговор со Вардар и сега требаше да се фокусира само на она што го очекува откако ќе се врати од ЈНА.

НЕЗАБОРАВНИ ГОДИНИ ВО ВАРДАР

Своето деби за Вардар Ванчо Балевски го имаше во сезоната 1968/1969. Откако се врати од ЈНА, тој одигра шест натпревари, а Вардар заврши како 10-ти во конкуренција на 18 клуба во Првата лига.
– Следната сезона веќе бев меѓу најстандардните. Одиграв 27 натпревари за Вардар, но, за жал, испаднавме од елитното друштво. Бевме претпоследни, за по еден бод пред нас беа Олимпија и Раднички од Крагуевац. Тогаш дојде и до промена на кормилото на Вардар, Варагиќ си замина, а тимот го презеде човекот што секогаш беше подготвен да му помогне на својот Вардар – Кирил Симоновски-Џина. Со него имавме една успешна сезона во второлигашката конкуренција, во која го освоивме првото место. За мене многу значајни беа советите на Џина.

Тој сметаше дека имам квалитети да одам и подалеку од Вардар, во некој посилен клуб, и ме советуваше, кога ќе почувствувам оти е дојден вистинскиот момент, тоа да го сторам. Зборовите на Џина и ден-денес ми одекнуваат во моите уши. Многу му верував, зашто беше искусен и сѐ што ќе речеше беше на место. Тој на некој начин со своите сугестии ми го покажа понатамошниот фудбалски правец – вели Балевски.
Во сезоната во која Вардар беше прв во Втората лига, најефикасен играч беше Крсто Врбица со 16 гола. Балевски беше втор на списокот на најефикасните вардарци, со деве гола.
– Во таа сезона со Јосе Сребров одигравме најмногу натпревари, по 30. Инаку, во таа вардарова генерација имаше многу познати имиња. Тука беа Мето Спасовски, Драган Мутибариќ, Диме Георгиев, Атанас Мечкаров, Баже Анчевски, Крсто Врбица, Ѓоко Николовски, Лазар Плачков и вардаровата легенда Кочо Димитровски. Нормално, имаше и други фудбалери што даваа придонес за конечниот успех – се сеќава Балевски.

Во следната натпреварувачка сезона 1971/1972, Вардар беше 11-ти во прволигашката конкуренција, а Ванчо Балевски со осум постигнати гола на 34 меча беше најефикасниот играч на тимот. Така му припадна и наградата од весникот „Нова Македонија“, која му се доделуваше на најпрецизниот во почетокот од новата сезона.
За другите години поминати во Вардар, како и за заминувањето во сплитски Хајдук, потоа во Карлсруе во Бундес-лигата и враќањето во Југославија во љубљанска Олимпија, ќе читате идната недела.


Ванчо Балевски
Роден: во 1947 година во Скопје
Кариера: Работнички, Вардар, Хајдук (Сплит), Карлсруе (Германија), Олимпија (Љубљана), младинска репрезентација на Македонија и на Југославија, олимписка и сениорска репрезентација на Југославија
Успеси: младински репрезентативец на Македонија, младински, олимписки и сениорски репрезентативец на Југославија, прв стрелец на Вардар во сезоната 1971/1972