Светската агенција за борба против допинг (ВАДА) објави развој на револуционерна постапка за тестирање крв. Со новиот тест, само неколку капки крв ќе бидат доволни за сигурна анализа.
Од ВАДА додаваат дека новиот метод на тестирање (анализа на сува капка крв), ќе биде значително поевтин од сегашниот и се очекува неговата употреба да се воведе до Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг. Одредени аспекти на тестирањето ќе може да се применат и на одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, следната година.
ВАДА додава дека за оваа постапка се потребни неколку капки крв од врвот на прстот. Исто така поедноставени се и транспортот и складирањето на примероците.

Во исто време, новиот метод логистички ќе го поедностави спроведувањето тестовите дури и во оддалечените региони. Учесниците во проектот веруваат дека ДБС (драј блад спот, односно сува капка крв), може да биде клучна промена за антидопинг-заедницата.
– Охрабрувачки е што сите работиме заедно на овој проект. ДБС ќе влезе во постојната глобална антидопинг-програма и ќе ги дополни постојните тестови на урина и крв што, пак, ќе го олесни откривањето на допинг-корисниците – вели Оливие Рабин, виш извршен директор на ВАДА за наука и меѓународни партнерства.