Влакевски (прв од десно) со освоениот медал

Влакевски годинава со Запрешиќ славеше во ЛШ, а на турнир во Приедор собори 711 кегли, што е негов личен рекорд на официјален натпревар, по што годината ја заокружи и со трето место на првенството на Хрватска

Бојан Влакевски, кој со Макпетрол беше втор во Купот на НБЦ во 2013 година, годинашнава титула во Лигата на шампионите со хрватски Запрешиќ му е најголем клупски успех, годинава доби хрватско државјанство, па настапи на првенството на Хрватска во куглање, каде што го освои бронзениот медал, што претставува нов голем успех.

– Државното првенство се играше во неколку етапи. Прво по региони, а потоа се играа квалификации во кои настапија 32 куглари и на крајот најдобрите 16 играа за пласман. Во Централниот регион бев прв, а во квалификациите минатиот викенд бев 10-ти. Во осминафиналето го победив Иван Пушиќ со 3-1 во сетови, кога соборив 609 кегли, во четврт-финалето Ален Којунџиќ, исто така со 3-1, со 638 кегли, а во полуфиналето загубив со 1-3 од Жељко Кошутиќ, кога соборив 618. Првак стана токму Кошутиќ, кој во финалето со 3-1 славеше над Мушаниќ – вели Влакевски, кој со македонската репрезентација има и сребро на Светското првенство во Залаегерсeк во 2013 година

Идната година го очекуваат повеќе значајни настапи, меѓу кои и СП во Полска.
– Се надевам дека ќе настапам и на СП. Што се однесува до пласманот, можам да ветам дека ќе дадам сѐ од себе што подолго да играм, а кое место ќе го освојам не би сакал да прогнозирам уште сега – смета Влакевски, кој беше првак на Македонија во сите возрасни категории, а сениорски во 2016 година.

Таквиот оптимизам Влакевски, меѓу другото, го темели и надминувањето на неговиот досегашен личен рекорд, кој изнесуваше 701 кегла.

– На турнирот во Приедор соборив 711 кегли, што е и мој нов личен рекорд поставен на официјален натпревар – вели Влакевски, кој има настапувано и за хрватскиот клуб Медвешчак.

Покрај Влакевски, во Хрватска моментно кугла неговиот клупски колега Бранко Манев (поранешен кадетски светски шампион во дисциплината спринт и светски јуниорски првак, како и трет во комбинации на СП за сениори, играјќи за Македонија), кој во 2015 година исто така доби хрватско државјанство, а лани стана првак на Хрватска во двојки, потоа Димитар Димитровски, кој со сплитски Мертојак лани го освои Купот на Хрватска, Костадин Манев (сплитски Поштар) и Синиша Љубоморски (КК Слатина). Тука може да се спомне и Дамир Фучкар (КК Грмошчица), кој е Хрват, но има македонско државјанство, па во Хрватска го водат како Македонец.