Брендон Танев го доби дуелот со постариот брат

Брендон Танев (27) славеше против Крис Танев (29) во дуелот помеѓу македонските браќа во хокеарската НХЛ-лига, кој Питсбург пингвинс го добија со импресивен пресврт против Ванкувер канукс 8-6. Крис и Брендон Танев забележаа по една асистенција во нивното меѓусебно соочување. 

Домаќинот го отвори мечот со два гола, на што гостите одговорија со серија од четири погодоци. Ванкувер подоцна стигна и до водство од 6-3 во последната третина, но Питсбург имаше фуриозна завршница со пет гола едноподруго во последните 15 минути за да победи.

Семејството Танев имаше можност да го гледа натпреварот во арената во Питсбург. Браќата Таневи кои се родени во Канада имаат македонско потекло. 

– Убаво е да се биде блиску до дома, со што имаме можност семејството да дојде и да го следи мечот, особено кога Крис е тука. Секогаш е забавно кога имам можност да играм против него. Ова е посебен момент за нашето семејство – истакна Брендон во пресрет на мечот.

Помладиот од браќата сезонава потпиша за Питсбург, откако во изминатите четири изданија на НХЛ-лигата го носеше дресот на Винипег џетс, додека Крис е член на Ванкувер веќе 10 сезони. Поискусниот Крис игра во одбраната додека Брендон е во напаѓачката линија на Питсбург. Во нивните досегашни девет соочувања Брендон славеше осум пати, но дури сега го забележа првиот поен. Крис, пак, имаше четири поени во меѓусебните пресметки (еден гол и три асистенции). М.Ж.

Поискусниот Крис игра во одбраната на Ванкувер